Концертите на познати светски виолинисти и ова издание на „Охридско лето“ 52-ро по ред, ќе започнат со вечерашниот настап на еден од најзначајните претставници на руската виолинска школа, Борис Бровцин, заедно со Анастасија Волтчок, истакнат претставник на големата руска пијанистичка традиција.
Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифовска-Неделкова нагласи дека ова е нивен прв настап во Охрид:
– Нивните исклучителни достигнувања како солисти, имиња потврдени како големи уметници во светски рамки, се гаранција дека нивниот вечерашен концерт како камерно дуо ќе биде уште едно големо уметничко доживување.
Бровцин кој пред две години бил во Македонија на покана на маестро Симон Трпчески, иако малку знае за Македонија, она што го почувствувал тогаш била интересна, силна енергија, што за него е мотив повеќе вечер да се претстави во најдобро издание. Работел со Сер Невил Маринер, Јури Башмет, Герд Албрехт, Марек Јановски, Нееме Јарви, Луи Лангре, Јан Паскал Тортелие, Гилберт Варга, Александар Лазарев, Владимир Федосеев и многу други уметници. Роден во 1977, Бровцин студира на Московскиот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“. Во текот на студиите, станува лауреат на неколку интернационални натпревари. Во 2000 година за запишува на Guildhall School of Music and Drama во Лондон, а во 2004 година ја добива највисоката наградата на школата – Златниот медал. Броцвин свири на виолина Jean-Baptiste Vauillaume од 1862 година, која е сопственост на неговото семејство од 1930 година.
Анастасија Волтчок не ги криеше своите импресии од убавините на Охрид. Изрази задоволство што има можност со вечерашниот концерт да биде дел од богатата програма што ја нуди фестивалот „Охридско лето“. Волтчок своето оркестарско деби го оствари на осумгодишна возраст под диригентско водство на Владимир Понкин. Волтчок интензивно концертира низ Европа и САД. Неодамна таа настапила како солист со Валери Гергиев и оркестарот Киров при театарот Марински од Санкт Петербург.