Скопје дел до светскиот Social Good Summit

Во понеделник (22 септември), со почеток во 17:00 часот, Скопје ќе биде дел од светскиот Social Good Summit, кој ќе се одржи во повеќе од 60 држави во светот. На македонската конференција ќе говорат претставници на Обединетите нации, претставници на државни институции, како и активисти кои се активно вклучени во развојот на новите медиуми.

social_good_sumit_logo

Настанот е организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ).

„Целта на овој самит, е да ги споиме новите, иновативни технологии, со влијателните умови и да ги насочиме кон една тема: откривање на огромниот потенцијал на новите медиуми и технологии кои можат да го направат светот подобро место за живеење. Настанот во Скопје е отворен за сите кои се заинтересирани и имаат желба да придонесат кон оваа глобална дискусија”, објаснува Постојниот координатор на ООН и Постојниот претставник на УНДП, г-ѓа Луиза Винтон, која воедно ќе биде и еден од говорниците на Skopje Social Good Summit.

Покрај Винтон, официјални говорници на Skopje Social Good Summit ќе бидат: Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, Заменик Министерката за Информатичко општество, Марта Арсовска-Томовска, Деканот на ФИНКИ,  Димитар Трајанов, како и две јавни личности со истакнат придонес кон развојот на новите медиуми, Сашо Мацановски-Трендо (Офф.нет) и Богдан Илиевски („Бетмен Велит”).

Со организацијата на овој настан, Република Македонија ќе стане дел од мрежата на држави кои ќе организираат Social Good Summit Meetups, оваа година под насловот „#2030NOW”. Налик Скопје, повеќе од 60 градови ќе бидат домаќини на дискусии на оваа моќна тема, поврзана со амбициозната агенда за глобални промени во следните петнаесет години. Главниот самит ќе се одржи во Њу Јорк, а како гости на истиот ќе се појават Фарел, Мелинда Гејтс, Наташа Бедингфилд, Лили Кол, Пит Кешмор и многу други истакнати професионалци и јавни личности.

Skopje Social Good Summit, на тема #2030NOW ќе се одржи во Амфитеатарот на ФИНКИ во Понеделник(22.09), со почеток во 17:00 часот. Настанот е од отворен тип, се со цел сите оние кои имаат интерес и се заинтригирани од оваа актуелна и моќна тема, да можат да присуствуваат и да се приклучат кон дебатата.

You May Also Like