Синоќа завршија „Деновите на македонската култура“ во Талин, Естонија

Со спектакуларен настап на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ во реномираната концертна сала „Нокиа“ во Талин, европската престолнина на културата за 2011 година, како и со концерт на Кирил Џајковски и неговиот бенд во клубот „Балоу“ синоќа завршија „Деновите на македонската култура“ во оваа балтичка земја.

Во мноштвото културни настани кои се случуваат во Талин, Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ синоќа целосно го привлече вниманието на естонската јавност. Во распродадената сала, пред повеќе од 2000 присутни граѓани на Талин, претставници на дипломатскиот кор, поранешниот претседател на Естонија Арнолд Рутел, познати уметници и интелектуалци на Естонија и други високи гости, македонскиот амбасадор на културата беше испратен со овации и бурен аплауз. Пред публиката „Танец“ ги понуди сценските адаптации на „Тешкото“, „Седенка“, „Малешевка“, „Беломорски“ и „Драчевка“, а преку изведбата на македонските ора го пренесе најубавото, исконското, непроценливото македонско фолклорно богатство кое претставува идентитет и историја на македонскиот народ.

Пред почетокот на концертот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во своето обраќање истакна дека оваа ноќ Естонија на Балтикот и Македонија на Балканот градат еден симболичен мост на нивните идентитети, на нивните многу слични историски и духовни мемории во трезорот на европската култура.

-И Естонија и Македонија се млади држави со вековни култури. Првите записи на естонски јазик биле пронајдени во 13-тиот век во Зборникот на топоними, а македонските ракописи од Свети Климентовата школа во Охрид создавани помеѓу 10-13 век се населувале во голем број европски метрополи допирајќи до балтичките свети места и манастири. Затоа денешната поврзаност на естонската и македонската култура значи ренесанса на нашите две нации, додаде Канческа-Милевска заблагодарувајќи им се на домаќините, министерот за култура г. Реин Ланг, заменик претседателот на Собранието на Република Естонија г-ѓа Лајн Рандјарв и претседателот на групата за соработка помеѓу Република Македонија и Република Естонија во естонскиот парламент, г. Маргус Хансон, како и на амбасадорот Ненад Колев кој со голем ентузијазам ги помагаше сите сегменти од оваа комплексна манифестација.

Во комплексот „Нокиа“ пред концерот на „Танец“ претходеше и изложбата насловена „Ин ситу“ на Музејот на современата уметност која претстави дела на реномирани македонски ликовни автори кои веќе го освојуваат и европскиот културен простор.

Манифестацијата беше заокружена со концертот на Кирил Џајковски со неговиот бенд, чиј настап беше проследен со особено внимание од младата популација. Вниманието на естонската јавност го испровоцира и претставувањето на изложбата на народни носии и везови на Музејот на Македонија која беше поставена во Националната библиотека на Естонија.

Министерката за култура за време на престојот во Естонија, во текот на вчерашниот ден во Талин оствари посета на повеќе институции, а остари средба со директорите на установите, како Музејот на уметноста (КУМУ) кој во 2008 година беше прогласен за најдобар европски музеј, Националната библиотека и Куклениот младински театар и музеј (НУКУ). Претходно министерката за култура оствари и билатерална средба со естонскиот министер за култура Реин Ланг со кој се договорија за интензивирање на соработка во областа на културата меѓу Република Македонија и Естонија.

Имајќи во предвид дека во Естонија многу малку се знае за македонската култура, претставување на содржините на „Деновите на македонската култура“ помина исклучително успешно, а естонската публика и сите посетители на Талин како годинашна европска престолнина на културата имаа можност да се запознаат со дел од сегментите на македонската култура.

Презентацијата на македонската култура преку вакви комплексни меѓународни претставувања, по реализацијата на манифестациите „Денови на македонската култура“ во Русија и Естонија, во следниот период продолжува во Кина, каде од 15 до 19 ноември ќе се одржи манифестацијата „Македонскиот фолклор во Кина“.

You May Also Like