На плоштадот „Македонија“ вчера (23 мај) се одржа осмата по ред „Матурска парада 2014“, а матурантите од Скопје им се придружија на своите врсници на голем број градови од земјава и од Европа кои во исто време, точно напладне, го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на штраусовата опера „Лилјакот“.
Почетокот на „Матурската парада“ го означи Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Матуранти, со завршување на средното образование Вие затворате едно поглавје во книгата на животот. Но, пред Вас стојат нови предизвици и искушенија кои, искрено се надевам, ќе успеете да ги совладате со својот младешки елан, енергија и ентузијазам. Искрено се надеваме дека Вашиот пример ќе го следат идните генерации матуранти, кои, не само што ќе ја продолжат традицијата туку и ќе продолжат да ја пренесуваат пораката за мир и толеранција во светот. Затоа, почитувани и драги млади луѓе, Ви посакувам среќа и успех во чекорењето на патот кон светот на возрасните, во освојувањето на придобивките од личната и заедничката слобода, во славењето на младоста и уживањето во животот. Овој миг на среќа вечно нека Ве следи, чува и бодри низ искушенијата на иднината – рече денеска градоначалникот Трајановски.
На годинешната „Матурска парада” во Скопје учествуваа 948 ученици од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС „Никола Карев“ , СУГС „Зеф Љуш Марку“, СУГС „Јосип Броз Тито“, СУГС „Панче Арсовски“, СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Георги Димитров“, СУГС „Цветан Димов“, СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, СЕПУГС „Арсени Јовков“, СУГС „Марија Кири Склодовска“, СГГУГС „Здравко Цветковски“, СУГС „Владо Тасевски“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Димитар Влахов„, СУГС „Орце Николов“, СУГС „Лазар Танев“, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, СУГС „Михајло Пупин“ и приватното средно училиште „Алгоритам“.
Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите положија заклетва за ненасилство и толеранција.
Организатори на годинешната Матурска парада се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје, односно градоначалникот Коце Трајановски. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.
Според информациите од танцовата школа „Уршка“ од Љубљана оваа година квадрил играа матурантите од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Романија, Бугарија, Албанија и од Македонија.