Во Богданци, традиционално по седми пат, е отворена Меѓународната графичка работилница „Софија“ …
Годинава на работилницата, која е во организација на Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, учествуваат 18 уметници – графичари од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Сараево, Љубљана, Загреб и Софија.
Според организаторите, целта на собирот е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и услови за реализација на нивните дела, бидејќи графиката како специфична техника е помалку застапена во целиот регион.
Ментор на годинaшнава работилница, е Аница Радошевиќ, редовен професор на Академијата за уметности во Нови Сад. Завршната изложба ќе се одржи на 2 септември во галерискиот простор на печатница „Софија“ во Богданци, а во текот на наредните месеци се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија.
Графичката работилница „Софија“ првпат е одржана во 2008 година. Досега учествувале над 100 млади графичари од целиот регион, а улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија и од Хрватска.