Утре (сабота, 24 мај 2014) започнува традиционалниот Републички натпревар на детски и младински хорови во Кавадарци, на сцената на кавадаречкиот Дом на култура.
Првиот натпреварувачки ден е предвиден настап во категоријата детски хорови, а во недела, на 25 мај ќе настапат младинските хорови. И двата натпреварувачки дена започнуваат во единаесет часот, а предвидено е жири комисијата да ги прогласи наградените во 17 часот истиот ден. Над илјада млади хористи предстојниот викенд ќе престојуваат во Кавадарци.
Инаку, Републичкиот натпревар на детски и младински хорови во Кавадарци се одржува од 1966 година. До пред некоја година натпреварот беше биенален, а денес е традиционално секоја година во месец мај и годинашниот е 26-ти по ред.
Организациониот одбор натпреварот го реализира во соработка со Локалната самоуправа на Општина Кавадарци и Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, а е потпомогнато од Министерството за култура на РМ и наколку големи компании од градот.