Реконструирана Беговата куќа во Гостивар

Министерката Канческа-Милевска денеска (четврток, 10 јануари) беше во работна посета на Гостивар каде што ја посети Беговата куќа, по повод завршувањето на втората фаза од проектот за конзервација, санација и реставрација на овој значаен објект.

Како што истакна Канческа-Милевска, стручните лица од Конзерваторскиот центар во целост го извршија и обновувањето на фасадата на објектот, кој е уникатен примерок на автентичната староградска архитектура од 18 век.

Во оваа фаза е извршена интервенција на конструкцијата на темелите и на меѓукатот, односно беа зајакнати меѓукатницата и темелниот ѕид од јужната страна и во целост е обновена фасадата. За да се зачува автентичноста, рачно се изработени и рамките на прозорците на куќата и влезната врата“, истакна Министерката.

Во првата фаза, која беше реализирана во 2011 година, беше извршена санација на покривот и беа поставени нови олуци. Годинава во рамките на третата фаза ќе се работи на електричната инсталација и внатрешното уредување. Сопственичката на Беговата куќа, Фикрие Болетин, го изрази своето задоволство од преземените конкретни активности на Министерството за култура и на Конзерваторскиот центар од Гостивар за зачувување на овој вреден објект, односно на големото културно богатство што го наследила од своите предци.

Реализацијата на проектот за објектот, што го има во речиси сите монографии и разгледници за Гостивар, Конзерваторскиот центар ја спроведува во 3 фази и треба да биде завршена оваа година.

Конзерваторскиот центар, со поддршка на Министерството за култура, исто така изврши и надворешна реконструкција на Саат-кулата во Гостивар, која е споменик на културата од 17 век и симбол на Гостивар. Годинава ќе се работи на осветлувањето и на ентериерното уредување на ова културно добро. Објектот се планира да биде отворен за туристички посети.

You May Also Like