Ред конец, ред поезија со Андријана Ананиева во АКСЦ

Изложбата „Вези – вези… ред конец, ред поезија“ на Адријана Ананиева ќе биде отворена во Автономниот културно социјален центар денеска (сабота. 12 април 2014), со почеток од 20:00 часот.

andrijana_ananieva1

Во информацијата за настанот се вели: „Делата на Адријана Ананиева се невообичаени. Работени се во несвојствена техника која би била по својствена за старогрчкото tehne, умешноста, занаетот, отколку за она што денес го нарекуваме уметност или fine art. Но овие дела сепак зрачат со својата нежност здобиена од рацете, иглата и умешноста на Адријана. Еманираат со мир кој извира од сета нивна комплексност. Совршено уредени пајакови мрежи, прецизни геометриски фрактали во различни впечатливи бои кои отскокнуваат од композициите и си поигруваат со формите и дезените кои се и симетрични, но во исто време и асиметрични. Чувството кое ве обзема додека ги гледнете овие везови е вонвременско, еднакво чудно како што е чудно што самата техника е најпрвин отсонувана, а потоа применета. Буквално. Така сосема едноставно можете и вие да западнете во тоа вонвременско сонувачко чувство, патувајќи низ тие комплексни, од свилен конец извезени лавиринти, кои ете, би можеле да се метафора и на самиот живот.

Изложени ќе бидат околу 50-тина рачно изработени дела во техника хартија и конец, везена изработка, работена во период од околу една година. Овие дела ќе бидат придружени и со поезијата на Даниел Карески, кој ќе ги сподели своите чувства за самите дела“.

You May Also Like