Билјана Каран: Декадентната елеганцијата се пронижува низ сите мои колекции

Интервју со модната креаторка Билјана Каран, кое го остваривме деновиве преку електронска пошта. Прашања малку поразлични од оние шаблонските и стандардните, баш по вкусот на читателите на cooltura.mk . 

Билјана Каран е роденa во Штип, Македонија на 13 јануари, 1983. По завршувањето на студиите на моден дизајн на Академија во Фиренца во 2004 година, таа  ја претставува својата прва модна ревија на модната недела во Скопје.  Неколку месеци по тоа  дизајнерката  отвори салон во центарот на градот.  Нејзините креации можете да ги погледнете одблизу во нејзиното студио спроти Т.Ц. “Скопјанка”. Денeс Каран има своја канцеларија и во Италија. “Кога дизајнирам, ја имам жената на ум ” – вели Каран.

Што претставува модата за Вас, како би ја дефинирале?

Каран: Ја сакам модата, тоа сум јас. Но модата не е само во облеката, тоа е начин на живот, таа е присутна насекаде и постојано се трансформира секогаш внесувајќи нешто ново во нашите животи. Јас ги сакам убавите парчиња облека, накит, уникатните детали кои го ставаат акцентот на естетиката но не го прифакам по секоја цена секој нов тренд, бидејќи трендовите секојдневно се менуваат, а мојата визија е да правам мода која трае, која може да му се спротистави на тестот на времето, уникатен дизајн со мојот  потпис, кој ќе остане во вашиот плакар повеќе од една сезона.

Дали кај вас постои само еден извор на инспирација или секоја колекција си има свој background?

Каран: Изворот на инспирација кај мене е секогаш животот, секој нов миг, ново искуство, чувства, се непресусен извор на инспирација, а бидејќи моите интереси се од навистина различни сфери, секоја нова колекција има своја приказна зад себе, но сепак декадентната елеганцијата е она што се пронижува низ сите мои колекции.

Вашата најнова колекција ја пласиравте неодамна во јавноста, сензуалноста и гламурот се неизоставен детал, но сепак сакам Вие да ми кажете, која е пораката што ја „сошивте“ на најновите парчиња од Каран?

Каран: Оваа колекција го задржа стилот кој го негувам во мојот дизајн, акцентирајќи ја женственоста, сензуалноста и елеганцијата, меѓутоа зачинета со доза сексипил… Всушност пораката сошиена на моделите од новата колекција вели: ” Јас сум жена,и уживам во тоа. Сакам да ја истакнувам својата убавина и да го живеам секој миг како да е последен. Мене не ми треба посебен настан или случување за да изгледам убаво, впрочем како што вели легендарната Шанел: „Никогаш не знаеп кога ќе ја сретнеш љубовта на твојот живот, затоа секогаш биди најубавата ти.“

Кој од светските модни креатори е најблизок до вашиот стил?

Каран: Не ги сакам споредбите и не сакам да мислам дека мојот стил е копија или имитација на некој веке постоечки дизајнер или дизајнерска кука.Го сакам тоа сто го работам и мојата цел и визија е она сто го правам да биде уникатно а притоа да го задрзи својот индивидуален израз т.е. стил.И покрај тоа што ги обожавам моделите и стилот на Лагерфелд, Ланвин, Диор, Балмаин, Марљуеса и многу други навистина не би можела да се споредам со ниту еден од нив. Бидејки секое човечко битие е посебно и уникатно и доколку држи до себе си се она сто го прави или во случајот креира исто така ке биде посебно и уникатно.

Со која нишка ги сврзувате модата и уметноста?

Каран: Уметноста секогаш била извор на инспирација, и многу познати дизајнерски имиња инспирирани од безвременските дела на врвните уметници дизајнирале исто така безвременски колекции, уникатни парчиња кои најдобро мозе да се опишат како уметност. Без разлика дали станува збор за музика, архитектура, сликарство, вајарство или сл. Сите овие гранки на уметноста се потесно поврзани со модата и меѓусебно се надополнуваат.

Дали сте колекционер на нешто?

Каран: Некои би рекле дека сум колекционер на кондури, други на книги, но тоа мозеби само изгледа така. Јас не сакам да се врзувам за работите и веројатно поради тоа немам таква пасија.

Колку често посетувате културни манифестации (изложби, театар , балет, опера и сл.) ?

Каран: Ја обожувам операта и балетот и често ги посетувам,исто така уживам и во мјузиклите од типот на Кетс и Лес Мисераблес кои ги гледам секогаш кога имам шанса. Често одам на  манифестации,егзибиции и саеми од типот на Арт Басел во Мајами Бич кој наскоро започнува, Питти Филати во Фиренца, Биеналето во Венеција, Модните недели, како кај нас така и надвор од нашата преубава Македонија… Исто така музеите од типот на Уффизи во Фиренца, Метрополитан Музејот во Њујорк, Лувр и многу други се вистинско освежување за мене, се секавам кога прв пат ја видов Пиетата на Микеланѓело во Ватикан… ме остави без здив. Уметноста е таа која што го збогатува и оплеменува животот, а јас не би можела да живеам без неа…

Читате ли книги?  Предложете им на читателите на www.cooltura.mk некој топол наслов на книга, за студените денови кои ни доаѓаат.

Каран: Книгите се моја пасија. Сакам и поезија и проза, но ја осеќам поезијата поблиску до мојот сенсибилитет. Читам многу и често купувам книги, во моментов ја организирам мојата мини библиотека која одсекогаш била мој сон… Неодамна ја прочитав „Вака зборуваше Заратустра“ од феноменалниот Ниче. Исто така една од моите омилени книги која би ја препорачала на читателите на cooltura.mk е „Уметноста на љубовта“ од Ерик Фром и секако моите омилени поети Руми и Хафиз кои за жал не можат да се најдат кај нас, токму поради тоа неодамна заедно со мојата мајка преведовме една збирка на македонски која би сакала наскоро да се најде во нашите книжари, но поради обврските овој период немав доволно простор да се посветам на реализирање на таа идеја.

Музиката која ве релаксира е…

Каран: Животот без музика би бил празен, мислам дека сите ке се сложат. Ме релаксираат Франк Синатра,Бари Уајт, Лили Ален, Нина Симон, Ролинг Стоунс, Колдплеј… листата е бесконечна! ; )

Постои ли некој од холивудските актери кои би сакале да го облечете, а ако е така, конкретно за која сцена би скале да носи креација од Билјана Каран ?

Каран: Истото прашање неодамна ми го постави една новинарка во Мајами и искрено никогаш не сум замислувала некоја посебна холивудска звезда во моја креација, напротив би сакала секоја жена во светот да ужива носејќи ги парчињата кој јас ги дизајнирам, но кога сега би требала да изберам кого да облечам  тоа би била Анџелина Џоли, жена на чија иницијатива и став навистина и се восхитувам.

Драмскиот театар ни ја подготвува претставата “Грев или шприцер” во режија на Деан Дамјановски , која треба да излезе наскоро, вие сте костимограф за претставата . Дали е ова ваше прво искуство во улога на костимограф? Кое е поголемо задоволство , театарската сцена или модната писта?

Каран: Да неодамна во Драмскиот Театар во Скопје се слуци Премиерата на култната Грев или Шприцер чиј римејк беше во резија на Деан Дамјановски а во главните улоги се најдоа некои од нашите најдобри артисти. Ова беше мое прво искуство како костимограф на претстава и претставуваше предизвик, во кој признавам уживав до крај. Начинот на дизајнирање колекција не е ист со оној на  дизајниранје костими за конкретна театарска претстава која не зависи само од Вашата идеја, туку како од приказната, така од временскиот интервал во кој се одвива, визијата на режисерот, мојата визија и доста други пропратни фактори.Како и да е и двете ги поврзува дизајнот, а јас подеднакво узивам дизајнирајки колекции или претстави и искрено се радувам на мојот следен костимографски ангажман.

Александра Овчарска

You May Also Like