Утре (понеделник, 14 мај 2012 година) на Катедрата за славистика на еден од најуспешните истражувачки универзитети во светот „University College London“ во Лондон, Велика Британија ќе биде промовирана едицијата „130 тома македонска книжевност“ во превод на англиски јазик.
На промоција на капиталната едиција ќе се обратат: министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска, драмскиот автор и македонски амбасадор на културата во Лондон, Горан Стефановски, писателот Венко Андоновски и преведувачот и почесен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј “во Скопје, Греам Рид.
Во рамките на промоцијата предвидена е и тркалезна маса со автори кои ќе дебатираат околу македонската литература, преводите на македонски дела на англиски јазик, како и околу преводите на делата на Шекспир на македонски јазик. „University College London“ е значаен истражувачки и културен центар на кој своето образование го стекнале голем број на добитници на Нобеловата награда меѓу кои и познатиот поет Рабиндранат Тагоре.
Промоцијата на едицијата „130 тома македонска книжевност“ ја заокружи манифестацијата „Денови на македонската култура“ која започна на 3-ти мај со концерт на нашиот најпознат пијанист Симон Трпчески, а синоќа на сцената на Глоуб театарот во настапија Стефче Стојкоски и неговиот ансамбл. Како дел театарскиот фестивал „Светот за Глоуб“ битолскиот театар два пати ја изведе претставата „Хенри Шести“.