Издавачката куќа „Готен“ ја објави втората новела „Фрагарија: Осумте чувари“ од младата македонска авторка Марија Ралповска. Промоцијата е денеска (16 мај, четврток) во 19:00 часот часот во просториите на Француски Институт во Скопје.
Оваа новела е дел од циклусот епски фантазии на петнаесетгодишната Марија Ралповска, која со исклучителна имагинација и авторски талент влезе во нашата литература. Втората новела излезе само неполна година по првата, промовирана на минатогодишниот саем на книгата во Скопје.
Издавачката куќа Готен, ги смести овие две новели во својата едиција, „Енфант Терибл“, посветена на младите, експериментаторски и иновативни автори. Сметаме дека Марија Ралповска создаде две новели кои жанрот на епската фантазија го извадија од супкултурните и паралитерарни обиди и го внесоа во кругот на македонската литература.
Од аспект на литературата за млади и нивната комуникација со книжевноста, ова дело има полн кредибилитет затоа што е книжевност создавана од врсници за врсници. Младите читатели покажаа интерес за ова дело, и тоа е едно од најбараните книги на издавачот. Новелите на Марија Ралповска не се разликуваат од романите од серијалот за Хари Потер, на пример. Тие содржат прекрасно извајани ликови, мунициозни и колоритни описи на имагинарните светови. Во некое идно време кога македонската книжевна и креативна индустрија ќе се развијат, убедени сме дека новелите на Марија Ралповска ќе доживеат адаптација и во другите медиуми, како анимирани филмови, видео игри и сл.