Денеска (четврток, 25 октомври) во Друштвото на писателите на Македонија во 13:00 часот ќе се одржи промоција на три тома од поезијата на Александар Поповски, еден од доајените на македонската писателска асоцијација.
За творештвото на Александар Поповски ќе зборува Љубинка Донева, а стихови ќе читаат Анастасија Стојчевска и Миле Попов. Во прилог на популаризација на литературата, овојпат се воведува и една новина: секој од присутните во Домот на македонските писатели ќе добие по една книга со потпис на авторот.
Со оваа средба Друштвото на писателите на Македонија го одбележува 80-годишниот животен јубилеј на авторот и 65 години творечка дејност. Изборот од поезијата на овој истакнат македонски писател го објави издавачката куќа „Александар и Александар” од Скопје.