Во книжарницата на издавачката куќа „Магор“, вечерва (четврток, 13 февруари) во 20:00 часот ќе биде промовирана збирката раскази „Тајна мисија“ од Влада Урошевиќ. Промотори на изданието се Ангелина Бановиќ-Марковска и Владимир Јанковски. Одломки од расказите ќе чита авторот.
Урошевиќ (1934) е македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Член е на Македонската академија на науките и уметностите, на Европската поетска академија (Луксембург) и на Словенската академија на литературата и уметноста (Варна), надворешен член на САНУ (Белград) и дописен член на академијата „Маларме“ (Париз). Има докторат по филолошки науки; како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Kонески“ во Скопје, на Kатедрата за општа и компаративна книжевност, држел курсеви по историја на европските литератури од деветнаесеттиот и дваесеттиот век.