На 15 јуни (сабота) во 11:00 часот, во Универзитетот „Евро-Балкан“ ќе се одржи меѓународната конференција со наслов „Отелотворување на просторот: археолошки истражувања на природниот и населбинскиот контекст“.
На овој научен собир, свои излагања ќе имаат повеќе реномирани археолози кои ќе говорат за географските, социјалните, симболичките и религиозните аспекти на археолошките наоѓалишта во Македонија и Европа. Притоа, ќе бидат презентирани најновите научни методи за културолошко и геофизичко дефинирање на организацијата на локалитетите и архитектурата од предисторијата до средниот век.
Конференцијата е воведен дел во археолошкиот проект меѓу Универзитетот „Евро-Балкан“ и Полската академија на науките, а под раководство на Гоце Наумов и Урсула Бугај. Во рамките на проектот, именуван како Cultural Encounters in Landscape Research: Pelagonia – case study, ќе се изврши геофизичко скенирање на неколку локации од неолитската населба во село Могила, како би се определила архитектонската организација на просторот во овој исклучително важен неолитски локалитет. Конференцијата и проектот се во организација на Институтот за древни студии при Универзитетот „Евро-Балкан“.