Подобрување на безбедноста на јавни места и зголемување на толеранцијата меѓу младите се дел од целите на проектот „Скопје-град без насилство“.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за внатрешни работи,Гордана Јанкуловска и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие -Скопје, Мишо Николов, на денешната прес-конференција (17 октомври 2014 година) го промовираа проектот за подобрување на безбедноста на јавни места и зголемување на толеранцијата меѓу младите „Скопје-град без насилство“.
– Градот Скопје перманентно работи на превенцијата и спречување на насилното однесување на младите на јавни места поради нетолеранција на различностите, преку спроведување на проекти за ненасиство во училиштата коишто се под негова надлежност. За безбедноста во 21 средно училиште се грижат лица од ангажираните агенции за обезбедување, но ние како Град се грижиме за нивната безбедност и надвор од училишните објекти и за таа цел реализираме вакви проекти во рамките на кои организираме едукативни работилници и јавни дебати во кои се вклучени учениците, наставниците и родителите, се со цел да се подигне свеста кај овие млади луѓе за ненасилното однесува и за почитувување на различноста- истакна градоначалникот Трајановски.
Министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, потенцираше дека со проектот „Скопје-град без насилство“ во учебна 2014/2015 година ќе бидат опфатени шест средни училишта, односно „Здравко Цветковски“ – Општина Карпош, „Цветан Димов“ – Општина Чаир, „Браќа Миладиновци“ – Општина Кисела Вода, „Панче Караѓозов“ – Општина Центар, „Владо Тасевски“ – Општина Аеродром и „Марија Склодовска – Кири“ – Општина Аеродром. Во овие 6 училишта ќе се одржат околу 100 едукативни работилници, со кои ќе бидат опфатени околу 3 000 ученици од прва и втора година од средните училишта, а активностите ќе се спроведат во сите класови без исклучок. Исто така, министерот Јанкуловска потенцираше дека бројот на инциденти во изминатите 9 месеци од 2014 година во автобусите на ЈСП се намалени за 30 насто.
Градоначалникот Коце Трајановски и министерот Гордана Јанкуловска на автобуската постојка кај Транспортен центар на учениците коишто го користат јавниот превоз им делеа промотивни материјали со пораката на проектот „Скопје – град без насилство“.
Инцидентите во коишто се вклучени учениците најчесто се случуваат на јавни места на подрачјето на СВР Скопје како што се: автобуси, автобуски постојки, училишни дворови, како и во и околу спортските арени. Вообичаено овие инциденти на насилство, се случуваат за време на училишните одмори, во периодите од денот кога учениците доаѓаат или си одат од училиште, како и во периодите пред, за време и по спортските натпревари.
За таа цел, Одделение за превенција при СВР Скопје преку месно надлежните ПС ОН (полициски станици од општа надлежност), со поддршка од Одделот за развој на полиција при Мисијата на ОБСЕ и во соработка со ЈСП Скопје, го продолжи спроведувањето на проектот „Скопје-град без насилство“. Во обидите за зголемување на јавната безбедност, како и обезбедувањето на безбедно користење на јавниот превоз и спречување на нарушувањата на јавниот ред и мир, не само во училиштат туку и на јавните места, вклучувајќи ги и спортските настани, проектот ќе се фокусира на: насилството во училиштата; насилство во автобусите и автобуските постојки на Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје и насилство за време на спортски натпревари.
Проектните активности ќе се состојат од едукативни работилници и три јавни дебати со учениците (во кои покрај учениците ќе бидат опфатени и претсавници од училиштето, како и претставници од Советот на родители во училиштата).
Проектот ќе се имплементира од Одделението за превенција при СВР Скопје, со поддршка од Секторот за образование од Град Скопје и Одделот за развој на полицијата при Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ЈСП Скопје.
Една од активностите што се предвидени во проектот е и дистрибуција на промотивните материјали во училиштата, автобусите, автобуските постојки, билетарите и други јавни места, изработени со поддршка на Одделот за развој на полицијата при мисијата на ОБСЕ во Скопје.