Пролетен регионален БЕСТ состанок

Од денеска (04 април) до 07 април 2013 Студентската организација БЕСТ Скопје организира пролетен регионален состанок на активните членови на организацијата од југоисточниот регион.

Овој регион поврзува девет локални БЕСТ групи од пет соседни земји – Македонија, Црна Гора, Србија, Грција и Турција.

Целта на овој регионален состанок е да се поврзат блиските локални БЕСТ групи со цел да се договорат за заедничките активности, едукација на младите учесници, како и размена на искуства. За време на состанокот ќе се одржат и неколку работилници на различни теми на кои членовите ќе научат повеќе за тимската работа, лидерство, менаџирање на времето, мотивација и ќе можат да присуствуваат на различни дискусии.

БЕСТ – Борд на Европски Студент по Технологија е меѓународна студентска организација присутна на 94 европски универзитети. Во неа членуваат повеќе од 4.000 активни студенти волонтери, кои работат напорно за спроведување на мисијата на организацијата – “Развивање на студентите преку комплементарно образование”. За остварување на оваа мисија, во текот на годината се организираат околу 100 академски
курсеви низ Европа на теми поврзани со технологија, кои студентите ги посетуваат бесплатно. БЕСТ Скопје е дел од интернационалната студентска организација БЕСТ која е неполитичка и непрофитна студентска организација која нуди можности за учење и личен развој и напредок за идните инженери.

БЕСТ го промовира Европскиот дух и ја охрабрува комуникацијата и работата во мултикултурна средина преку настаните кои ги организира – академски курсеви,инженерски натпревари, едукативни симпозиуми, саеми за вработување, како и многу тренинзи и работилници за неформално образование.

Пролетниот регионален состанок оваа година ќе се одржи во Скопје, а БЕСТ Скопје беше избран за домаќин помеѓу 9 соседни БЕСТ Групи. На состанокот ќе присуствуваат повеќе од 70 членови од локалните групи од Југоисточниот регион (Подгорица, Ниш, Хања, Атина, Патрас, Измир, Анкара, Истанбул и Скопје) и гости од други Локални БЕСТ Групи од соседните региони (Гдањск, Лвив, Солун).

Регионалниот состанок ќе биде отворен вечерва (четврток, 4 април) во 20:00 часот во Бизнис салата на Скопски Саем.

За време на овој состанок, вториот и третиот ден ќе се одржат обуки, работилници,како и дискусии за актуелни прашања во функционирањето на студентската организација и универзитетското образование. Состанокот ќе заврши во недела наутро со сумирање на резултатите и заклучоците од работата на студентите во текот на тие неколку денови.

Настанот има и големо културно значење бидејќи студентите имаат можност да се запознаат со културата и традициите на регионот, како и со градот Скопје и македонската култура и традиција.

You May Also Like