Договор за заштита на регионот Преспа

На 29 март 2013 година беше потпишан Договор за меѓугранична соработка помеѓу три невладини организации од трите соседни земји што го делат Преспанско Езеро.

Нагласувајќи дека соработката на граѓанското општество е основна за интегрираното менаџирање на басенот на преспанските езера, претставниците на невладините организации за заштита на животната средина, Македонското еколошко друштво (МЕД), Асоцијацијата за заштита и зачувување на природната животна средина во Албанија (ППНЕА), и Здружението за заштита на Преспа (СПП) се сретнаа во грчкото село Лeмос и ги поставија основите за идната мрежа за заштита на животната средина во регионот наречена Преспа нет.

Потврдувајќи ја долготрајната заедничка прекугранична соработка во Преспа, беше потпишан Договорот, по дефинирањето на целите, насоките и главниот фокус на мрежата и евентуалните заеднички активности што ќе бидат преземени во иднина.

Имајќи ги предвид минатите активности и проекти спроведени во регионот, очигледно е научена лекцијата дека делумниот и изолиран приод, наместо длабинскиот и прекуграничен приод е помалку ефективен и на периоди дури и неплоден. За оваа цел, Преспа нет активно ќе работи на пополнување на недостатоците преку здружени активности, засилена соработка преку различните заинтересирани страни вклучени во менаџирањето на басенот на преспанските езера, подобриот протек на информации и одржливиот развој. Сите овие прашања влијаат врз регионот потенцирајќи ја потребата за соодветни акции неопходни за регионот.

Во рамките на новоформираната мрежа, овие три организации го направија следниот чекор и се посветија на зачувувањето на уникатното природно и културно наследство на преспанскиот регион, истовремено промовирајќи го неговиот социјално-економски развој. Во следниот период, Преспа нет ќе ги започне заедничките активности што ќе ги урнат границите и ќе го почитуваат единството на природата.

You May Also Like