Проектот „Карневалот – цар на Европа“ во Музеј на Македонија

Во Музејот на Македонија, денеска (вторник, 3 април 2012 година) беше отворена изложба од втората фаза на проектот „Карневалот – цар на Европа“, во кој осум земји претставуваат свои карневали како дел од заедничкото духовно културно наследство на Европа.

Проектот во првата фаза (периотод 2007-2009) вклучи пет земји, а во оваа, втора фаза (периодот 2010-2012) е проширен со уште три. Покрај Музејот на Македонија, учествуваат и музејски институции од Бугарија, Хрватска, Полска, Романија, Словенија, Италија и од Шпанија.  Пред пет години проектот почна на иницијатива на Етнографскиот музеј на Трентино од Сан Микеле ал Адиџе, во Италија.

Изложбата е со поднаслов „Зимски маски на плодноста во европскиот етнографски контекст“ и содржи паноа со фотографии, текст и аудио и видеоматеријал за обреди и обичаи, дополнето со маски и ритуални реквизити.

– Карактеристика на овој проект е што не се оди на тоа секоја земја да го истакне своето културно наследство, туку целта е да се покаже заедништвото што не спојува и европскиот идентитет кај сите овие народи. Проектот ги третира карневалите во цела Европа и во сите историски периоди. Затоа и насловот е „Карневалот – цар на Европа“, зашто опстоил од дамнина па до денес, додека царевите доаѓале и си оделе, рече Владимир Боцев од Музеј на Македонија.

Од земјава се претставени традицијата на бабарите од Демир Хисар и џоломарите од тиквешкото село Бегниште. За џоломарите е снимен 16-минутен филм во 1998. Тие се василичари кои ноќта меѓу 13-ти и 14 јануари одат по куќи низ селото и собираат храна. Маскирани се како брадести старци, со ѕвонци на половината и со бастуми и рачки од рала во рацете. Со нив одат и маскирани невести и баби. Подароците ги товарат на магаре и на крајот сретсело играат ора. Се верува дека обредот собира енергија за нова и среќна иднина.

Покрај карневалите поврзани со доаѓање на нова година, најчести низ Европа се карневалите за Прочка, со кои се означува почетокот на велигденските пости.

Изложбата ги документира и карневалите на кукерите во село Челник (Бугарија), карневалот Лауфарји во Церкно (Словенија), Јоалдунак – кој се прави во Баскија (Шпанија), карневалот во хрватското село Рукавац, Бандерал во Карано (Италија), карневалот „Шимборска коза“ во Полска и карневалите во средновековните градови во Трансилванија (Романија).

You May Also Like