Прогласени најдобрите карикатури на конкурсот „Снаа-свекрва“

Прогласени се најдобрите карикатури на меѓународниот конкурс „Снаа-свекрва“ во Крива Паланка …

kriva palanka panorama

Организацискиот одбор на манифестацијата „Невестинско поклонение“ од Крива Паланка ги прогласи годинашните добитници на награди на Меѓународниот конкурс за карикатура на тема „Снаа-свекрва“.

– На конкурсот пристигнаа 150 дела од 90 автори од 30 земји од светот, па во силната конкуренција навистина беше тешко да се одлучи кои се најдосетливи творби. Сепак, Гран-при наградата и првото место годинава му припаднаа на Ирен Трендафилов од Република Бугарија, кој воедно е освојувач на трофејот – маскотата “Невестулка 2014”. Втората награда ја освои Дамир Новак од Хрватска и третата Фарзане Вазиртабар од Иран, информираше Стојанче Величковски од манифестацијата.

Организаторите информираа дека покрај главните награди, доделена е и Плакета за најдобра колекција, која му припадна на Олег Гутсол од Украина, а специјални награди освоија Горан Челичанин од Србија и Уралскиот клуб на карикатуристи „Брусница“ од Русија.

– Со возобновената традиција на „Поклонение на младите невести“ пред светецот Теодор Тирон во црквата во село Конопница, која прерасна во културен бренд на Крива Паланка, произлезе и идејата за востановување конкурс на тема „Снаа – свекрва“, која е универзална и интригантна за авторите од сите меридијани, рече градоначалникот на Крива Планака, Арсенчо Алексовски.

Тој нагласи дека конкурсот втора година по ред привлекува над стотина автори од сите страни на светот, со што општината се промовира во светски рамки.

Карикатурите ги оценуваше реномирана меѓународна жири комисија, а изложбата со најдобрите дела ќе биде презентирана пред јавноста на 8 Октомври, денот на ослободување на Крива Паланка.

You May Also Like