Во рамките на Off програмата на Интернационалниот фестивал Млад отворен театар (МОТ), на 24 и 25 септември 2012 година, ќе се одржи Видео промоција на 20 проекти поддржани од програмата “Култура 2007 -2013“ на Европската Унија.
Видеата претставуваат делови од реализацијата на проектите (во најголем дел од областа на сценско – изведувачките уметности), меѓу кои премиерно ќе биде прикажан документарниот филм за проектот „Не/Видливи градови“ во продукција на АРТ МЕДИА од Скопје.
Во рамките на настанот, на 24 септември (понеделник) со почеток во 11:00 до 13:00 часот, Културно -контактната точка при Министерството за култура ќе одржи Информативна сесија за програмата “Култура 2007 – 2013 “на Европската Унија.
Видео-промоцијата која е во организација на Министерството за култура и Културно-контактната точка на Република Македонија, а во соработка со Младинскиот културен центар во Скопје и Младиот отворен театар (МОТ) има за цел да обезбеди видливост на успешните проекти на програмата “Култура 2007- 2013” и поразличен пристап до публиката.
Импактот врз публиката и нејзината интерактивност во рамки на реализацијата на проектите од областа на културата поддржани од Европската Унија е еден од приоритетите на новата програма на Европската Унија, “Креативна Европа” (2014-2020) наменета за културниот и аудиовизуелниот сектор во Европа.
Културно-контактните точки (од 37–те земји) на различни начини редовно ги промовираат на успешните проекти поддржани од програмата “Култура 2007- 2013” во матичните земји и пошироко.
За промоцијата се обезбедени видео материјали од архивите официјално достапни на веб-страните на проектите, архивите на македонските организациите вклучени во проектите, а во соработка со Културно-контактната точка на Република Словенија и организациите „Бункер“ (Љубљана) и „Флота“ (Мурска Собота) обезбедени се видео материјали од архивите на овие две организации.
Текстовите кои се користени за оваа намена се преземни од официјалните документи на Извршната агенција за образование, култура и аудиовизуелна дејност при Европската Комисија и Европската Комисија ( ГД за образование и култура) и од веб-страните на самите проекти. Оваа промоција е изготвена со помош на Европската Унија.