Во вторник (2 октомври, 2012 година) со почеток во 20:00 часот на големата сцена на МОБ ќе се изведе операта „Лучија ди Лемермур“ од Гаетано Доницети. Репризата ќе се изведе на 05.10.2012 (петок).
Претставата ќе ја води реномираниот диригент Алесандро Д’Агостини (Италија). Оваа претстава на сцената на МОБ последен пат беше изведена (обновена) во 2008 година и сега повторно во сосема нова режија, сценографија и костимографија.Режисер и сценограф е гостинот од Италија-Лев Пулиезе. Костимограф е Марија Пупучевска.
На 02.10.2012 (вторник) во главните улоги ќе настапат нашиот сопран Ана Дурловски во улогата на Лучија. Во улогата на Енрико е Борис Трајанов, гостин од Аргентина-Пабло Караман е во улогата на Едгардо. Дејан Стоев ќе настапи во улогата на Артуро и Владимир Саздовски во улогата на Рајмондо.
На репризата на 05.10.2012 (петок) во улогата на Лучија за прв пат ќе настапи нашиот млад сопран Наде Талевска, во улогата на Енрико е Ристе Велков, Ѓорѓи Цуцковски е во улогата на Едгардо, Маријан Николовски во улогата на Артуро и Владимир Саздовски во улогата на Рајмондо.
Настапуваат хорот и оркестарот на МОБ.
—————————
„Лучија од Ламермур“ е трагична опера во два чина. Салваторе Камарано го пишува либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Оваа опера е една од водечките белканто опери во светската оперска литература. Операта премиерно е изведена на 26.09.1835 г. во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 г.