Во петок, 20 јуни во 20 часот во галеријата од ЦК,, Марко Цепенков,, во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Ајде да летаме со магичното килимче“ од Ана Ивановска, која за првпат се претставува со инсталација од сунгер пред прилепската публика.
Кратко образложение на Ивановска за делото:
„Визуелниот дел на овој проект со наслов ,,Ајде да летаме со магичното килимче“, претставува колоритна инсталација со форма на килим изработена од сунѓерчиња во различни форми и бои, која поставена на подот во галеријата овозможува блиска и непосредна интеракција со набљудувачот. Самата геометриската шема на килимот содржи градација на впишан круг во квадрат кое има симболично значење. Кругот како симбол претставува потполност, единство и совршенство а квадратот како спротивност на динамичноста на кругот симболизира постојаност, сигурност, рамнотежа, пропорционалност и морални устреми. Нивната комбинација го симболизира единството на земјата и небото односно душата и телото (реалноста). Кругот впишан во кавадрат е преминот од материјалниот кон духовниот свет. Самиот наслов на делото директно укажува на добропознатиот „магичен килим” на Аладин од арапските бајки ,,1001 ноќ”. Магијата на килимот произлегува од способноста да лета носејќи го Аладин каде ќе посака. Па и ова дело повикува на ослободување на мислата и фантазијата кон едно поинакво доживување на светот, кон метафизичката страна. Предизвикува да ги согледаме нештата од поинаков аспект, да го согледаме морето на потенцијали што егзистира околу нас, да го задржиме детскиот дух во себе и да „летнеме“ во светот на фантазијата и бајките каде сè е возможно штом ќе се зачекори на магичното килимче.