На битолски Широк Сокак, во мезе – бар Јагода и Завод и Музеј започна да се раскажува највкусната приказна за трпезата. Со работилница за ракија и мезе започна првиот ТРПЕЗА ФИЛМ ФЕСТИВАЛ во организација на Slow Food – Битола и Slow Food Млади Македонија, а во рамките на Бит Фест 2014.
Битолчани и гостите во градот имаа неповторлива можност да уживаат и да дегустираат неколку видови на македонска ракија и највкусното сирење од нашето поднебје. Првиот фестивалски ден продолжи со филмската работилница за стоп – моушн техника со храна. Меѓувремено гостите на фестивалот проследија два одлична филма: Американско месо и Слоу Фуд приказна.
Во текот на фестивалот се спроведуваат и две акции, едната со ПАКОМАК, во која се собира отпад од амбалажи за рециклирање и другата е од хуманитарен карактер. Секој може да донира нерасиплива храна која ќе се искористи за приготвување на оброци во Народната кујна во Битола.
Наспроти мезе – бар Јагода се случи и EAT IN перформансот каде посетителите ја пробаа највкусната италијанска паста.
Фестивалскиот ден завршува со проекции на кратки филмови и After Film Party со Соња Исмаил.