Деновиве во Музеј-галеријата Кавадарци се отвори нова историска изложба во соработка со Државниот архив на Република Македонија. На изложбата под наслов „Вардарскиот регион низ документите на Државниот архив на Република Македонија“ се претставени околу 200 документи, педесетина фотографии и неколку карти, низ кои се отсликува историското минато на Повардарскиот регион кои го покрива одделението на државниот архив во Велес.
Низ документите е доловено времето на осмалиската власт со овие простори, српското владеење, бугарската окупација, како и периодот по ослободувањето, па се’ до 1990 година. На изложбата на четири паноа се презентирани документи и фотографии за Кавадарци од времето на периодот помеѓу двете светски војни. Интересен е Указот на неговото величество кралот Петар II Караѓорѓевиќ за отворање на гимназија во Кавадарци од 19 август 1936 година со план и скица на гимназијата.
Исто така има поместено документи од Околискиот комитет на КПМ за појавата на вмровски групи кои се залагале за независна Македонија, како и Резолуција за појава на информбировски групи во Кавадарци. Поместени се неколку фотографии за Кавадарци во триесетите години од минатиот век, како и фотографии на Вано Минов Рибаречки и д-р Илија Чулев кои имаа настрадано поради своите идеи за самостојна Македонија.
Богатството на архивскиот материјал со кое располага Државниот архив – Одделение Велес, дава драгоцени податоци за историјата на македонскиот народ на територијата на Вардарскиот регион.
Локалниот Музеј-галерија Кавадарци долги години успешно соработува со Државниот архив на Република Македонија. Како резултат на добрата соработка на Музеј-галеријата од Кавадарци и Државниот архив на Република Македонија реализирани се неколку историско/тематски изложби, а издадени и три книги: Спомени на Христо Поп Антов, Спомени на Тодор Поп Антов и Револуционерните борби во Тиквешијата.