Во организација на Град Скопје и Музејот на град Скопје, во Хотелот Арка, денеска (среда, 22 август, 2012 година) почна 7-та по ред Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2012“ којашто ќе се одржува до 30-ти август, кога ќе бидат изложени насликаните дела.
Годинава на своите ликовни дела свој потпис ќе остават десет академски ликовни уметници, припадници на различни генерации, коишто живеат и творат во различни средини.Тоа се: Трајче Јанчевски, Илија Спасовски Чендо, Горјан Ѓорѓиев, Афродита Кики и Софија Семенпеева од Македонија, како и Маријан Новак Слуњски од Словенија, Бисера Валева од Бугарија, Нилуфер Еркан од Турција, Нарине Григоријан од Ерменија и Марко Луковац од Црна Гора.
Меѓу многуте активности на полето на културата, Градот Скопје несебично под свој патронат ја вброи и Колонијата, што годинава се одржува по седми пат во Хотелот Арка, сместен во срцето на Старата скопска чаршија којашто според својата местоположба и многуте културно-историски споменици претставува место каде што од минатото, па се до денес се вкрстосувале и поврзувале различни цивилизации и култури, место со импресивно богато културно наследство. Затоа врската со времето и просторот и годинава ќе биде предизвик за учесниците од Меѓународната ликовната колонија „Скопје 2012” да творат на соодветно место, во јадрото на Старата скопска чаршија, во Хотелот Арка.