Почна Европската недела на мобилност во Скопје

Градоначалникот Коце Трајановски денеска (16 септември 2014 година) во име на Град Скопје потпиша пристапница за учество во Европската недела на мобилност 2014, со што и официјално почна оваа позната и масовна еднонеделна кампања за одржлива мобилност и почиста средина во Скопје.

memorandum_za_nedela_na_mobilnost

 

Градот Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и годинава, традиционално, се вклучува во одбележувањето на Европската недела на мобилност – Денот без автомобили 2014 и организира многубројни манифестации, едукативни работилници, предавања и акции во насока на промоција на алтернативните видови транспорт. Кампањата ќе заврши на 22 септември, на Денот без автомобили, со дефиле на велосипеди кое ќе се вози по градските улици.

– Европската недела на мобилност е кампања која промовира визија на градски улици на кои не доминираат моторните возила. Тоа е недела на велосипедистите, пешаците, возачите на ролери, тротинети, скејт-борди, корисниците на инвалидски колички, на сите учесници во сообраќајот кои не ја загадуваат животната средина, не прават бучава, не го заземаат животниот простор на своите сограѓани. Со приклучување кон Европската недела на мобилност и почитување на нејзините цели сите ние правиме многу – за чистотата на воздухот и животната средина во која живееме, за квалитетот на животот, за безбедноста во градот, за своето сопствено физичко и психичко здравје. Единиците на локалната самоуправа се создадени за организирање на заедничкиот живот на одредено подрачје и решавање на проблемите кои тој ги носи. Градот Скопје многу одговорно и стручно ги согледува состојбите во сите сфери на животот во градот и предлага и реализира решенија за подобрување. Многубројни се проектите што се реализирани, што се во тек или се планирани за во наредниот период, а ги решаваат состојбите кои ги потенцира Европската недела на мобилност. Најголемиот број од нив ќе бидат презентирани со многубројните манифестации во рамки на Европската недела на мобилност – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека велосипедот е симбол за превозно средство кое за себе ги врзува слободата на движење, одржливиот развој, ефикасноста, општествениот карактер и социјалната еднаквост, при што бенефитите на животното опкружување се неброени.

– Велосипедскиот сообраќај е транспорт со апсолутен одржлив развој. Свесен сум дека се уште постојат проблеми и дека се потребни подобрувања, проширувања и надградби на веќе реализираните проекти. Верувајте, ние тоа и го правиме, а резултатите од сите преземени активности допрва ќе бидат видливи за граѓаните на Град Скопје. Целта на Европската недела на мобилност е отстранување на проблемите што моторните возила ги предизвикуваат во градовите и повторно враќање на просторот на луѓето – пешаците и велосипедистите, како и на јавниот превоз. Овде не станува збор само за рестрикција на сообраќајот, туку за поттикнување на граѓаните да се вклучат во локалниот живот и да бидат одговорни спрема својата животна средина. Сакам да се заблагодарам на Министерствто за животна средина и просторно планирање, на Делегацијата на Европската унија во нашава земја и на општините во Градот Скопје за повеќегодишното партнерство во организирањето на Европската недела на мобилност. Сакам да се заблагодарам и на Владата на Република Македонија за заедничката организација на дел од настаните во оваа манифестација. Сакам да ги повикам моите сограѓани да се вклучат во оваа кампања, да возат велосипед, да одат пеш, да користат јавен транспорт и активно да придонесат за почиста и поздрава животна средина – нагласи градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Коце Трајановски на 14 вработени во Град Скопје кои на работа доаѓаат со велосипед им додели пофалници. Пофалници денеска добија: Бранкица Харалампиевска, Никола Јовановски, Аљоша Шопар, Благојче Величков, Владимир Стрезовски, Димитар Гучев, Валентина Златевска, Јордан Теовски, Никола Илиев, Наташа Манеска, Предраг Стојкоски, Виктор Кочоски, Благоја Стојановски и Влатко Табаковски.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, пред присутните во Салата на Советот на Град Скопје порача дека годинешното мото на Европската недела на мобилност „Нашите улици, наш избор“ е порака која треба да допре до секој поединец, дека автомобилите треба одговорно да се користат, почесто да се одбираат алтернативните видови на транспорт и секој поединечно да придонесе за почиста животна средина.

Во рамките на првиот ден од Европската недела на мобилност во просториите на Град Скопје денеска се одржа и промоција на проектот за Инвентар на стакленички гасови на Град Скопје, презентација на целите и бенефитот за Град Скопје од проектот RESЕEties за одржливо управување со ресурсите; презентација на Студијата за обновливи извори на енергија на подрачјето на Град Скопје и нејзините резултати; промоција на Интернет-конкурсот за фотографии од активностите во текот на 7-те дена на Европската недала на мобилност; а беше организирана и посета на Канцеларијата за енергетска ефикасност на Град Скопје.

Кон одбележувањето на Европската недела на мобилност во дел од активностите ќе се приклучи и Владата на Република Македонија преку Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.

Градот Скопје кон оваа масовна европска манифестација во која учествуваат над 2.000 градови низ Европа се приклучи во 2011 година.

You May Also Like