Утре (понеделник, 5 мај), со почеток во 12:00 часот, во библиотеката „Страшо Пинџур“ во Скопје ќе се одржи книжевно пладне посветено на првата македонска поетеса Даница Ручигај којашто й припаѓа на третата генерација македонски поети кои во шеесеттите години на минатиот век внесоа силен, свеж бран во современата македонска поезија.
Повод за одржување на овој настан е осумдесетгодишнината од раѓањето на поетесата којашто иако поради прерано завршениот физички живот зад себе остави само две стихозбирки, претставува автор со историско значење за современата македонска книжевност – автор којшто има дадено свој автентичен придонес во нејзиното осовременување и модернизирање. Својата дебитантска стихозбирка „Сребрени ноќни игри“ во којашто доминираат љубивните мотиви, Ручигај ја објави во 1960 година и со неа промовира специфично, модерно структурирање на поетскиот израз, а по тој повод, Петре М. Андреевски има забележано: „На видело е веќе збирка поезија на автор-жена, за што се чувствуваше скудност во нашиот поетски именик“. Стихозбирката „Заробеници на ветрот“ во којашто ветрот е метафора за заканата и непредвидливоста на судбината, објавена е во 1963 година, по загинувњето на Ручигај во катастрофалниот скопски земјотрес.
На настанот којшто ќе се одржи на денот на раѓањето на Даница Ручигај, беседа за нејзината поезија ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска којашто важи за добар познавач на творештвото на првата македонска поетеса.