Друштвото на писателите на Македонија продолжува со своите претставувања во повеќе градови низ земјава.
По манифестациите во Гевгелија и Куманово, на 3 ноември ДПМ ќе одржи поетско матине во Кавадарци.
На средбата, што се организира во рамките на проектот Кавадаречка културна есен, пред љубителите на литературата ќе настапат автори од повеќе генерации: Иван Џепароски, Вера Чејковска, Кочо Топузоски, Елена Пренџова, Раде Силјан, Санде Стојчевски, Иван Чаповски, Веле Смилевски, Ресул Шабани, Бранко Цветкоски, Данило Коцевски, Александар Поповски, Игор Крајчев, Братислав Ташковски, Илхами Емин, Марина Мијаковска, Васил Мукаетов, Марија Падикова и Петар Наневски.
На отворањето на манифестацијата ќе зборуваат директорот на Домот на културата во Кавадарци Владимир Темков и претседателот на ДПМ Веле Смилевски. Договорено е средбата да има традиционален карактер и таа секоја година да се одржува во ноември, во рамките на Кавадаречка културна есен.
Манифестацијата Ден на ДПМ во Кавадарци се организира со вклучување во проектот за дисперзија на културните настани во Македонија. Наскоро вакви манифестации ќе бидат организирани во Велес, Охрид, Битола и Демир Хисар.