Денеска (30 мај 2013 година, четврток), со почеток во 20:00 часот, во Домот на културата во општина Илинден ќе се одржи поетскиот митинг „Ветерот донесе убаво време“.
На овој митинг кој е и централен дел на овогодинешното издание на литературната манифестација „Илинден“ ќе бидат промовирани најновите поетски книги од десетмина млади автори – претставници на новата движечка сила на современата македонска книжевност. Поконкретно, станува збор за стихозбирките објавени во пеиродот мај 2012 – мај 2013 година, чии автори се: Звонко Танески, Марта Маркоска, Винета Огненоска, Искра Донева, Мане Манушев, Славица Гаџова, Марина Мијаковска, Ѓоко Здравески, Елена Пренџова и Иван Антоновски. На свеченоста, свое поздравно обраќање ќе има и Жика Стојановски, градоначалник на општина Илинден, а промотор на поетските книги ќе биде проф. д-р Кристина Николовска, истакнат литературатурен критичар и теоретичар на литературата.
Овој поетски митинг се одржува точно една година по објавувањето на Антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“ чии приредувачи се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а во која е поместено највредното од творештвото на младите македонски автори родени во периодот од 1980. до 1990 година. По објавувањето на таа Антологија која беше промовирана на минатогодишното издание на литературната манифестација „Илинден“, во македонскиот книжевен простор се случија низа настани и промени за поголема и посуштинска поддршка на претставниците на најмладите генерации македонски автори – настани и промени кои придонесоа за подобра афирмација на вредностите на творештвото на овие творци кои со она што го имаат создадено и до сега, придонесоа современата македонска книжевност да не потклекне пред предизвикот на 21 век.