Македонскиот истакнат поет и академик Ристо Василевски имаше успешен настап на реномираниот фестивал на поезија „Живи гласови од Медитеранот “ во градот Сет на Средоземното Море во Франција.
Академик Василевски на овој Фестивал настапи седум пати, а посебна почит кон него е искажана и со тоа што му беа приредени два самостојни едноиполчасовни портрета на кои за неговото творештво зборуваа Мариана Катзарас, Мишел Берниер, Жан-Пјер Лоувел и Сабина Атлан, а стиховите ги кажуваа истакнатите француски драмски и филмски актери: Шарлот Думолин, Фонклар Гхислаин, Жилиен Гуил, Оливија Никозија, Изабел Пецхлестрада и Патрик Вендрин.
Василевски беше еден од ретките поети од кои се бараше да чита дополнително и по повеќе песни, а за неговата поезија истакнатиот француски поет Антоан Симон меѓу другото ќе напише: „Потпирајќи се врз митското, библиското, општото и секојдневното, Ристо Василевски завлегува во суштинското, во заедничкото јадро на севкупната религија и на сите нешта што ги втемелуваат духовноста и поезијата…“