Петти појадок на мост

Петтата традиционална манифестација „Појадок на мост”, под покровителство на Град Скопје, во организација на Секторот за локален економски развој, во соработка со Средното угостителско училиште на Град Скопје „Лазар Танев“, годинава ќе се одржи на 14 септември (недела) на Камениот мост и Мостот око во Скопје.

pojadok_na_most_2013_4

 

– Градот Скопје со организирањето на оваа манифестација, има за цел да го збогати културно-забавниот живот во градот и да ги обедини и зближи сите граѓани на Скопје и заедно да уживаат во уште еден несекојдневен заеднички појадок на Камениот мост и Мостот око. Манифестацијата ќе се одржи на 14-ти септември, тоа е наредниот викенд во недела, од 9-11 часот. Апелирам до сите заинтересирани граѓани да си подигнат влезници за настанот „Појадок на мост” и тоа од 6-ти до 11-ти септември на пунктот којшто ќе биде поставен на Плоштад Македонија, во близина на градската кафеана „Пелистер“. Поради својата уникатност овој настан стана препознатлив за градот Скопје и ќе продолжи да привлекува голем број посетители кои би уживале во убавините на нашиот град. Имено, Град Скопје континуирано работи во насока на збогатување на културно-забавниот живот на граѓаните, како и на туристичката понуда за посетителите на Скопје, истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, којшто уште еднаш ја искористи можноста да ги покани сите граѓани на Скопје, но и оние што живееат во други градови, да дојдат и да бидат дел од заедничкиот појадок на мостовите во нашиот град, зашто, како што рече тој, оваа Манифестација нема за цел да ги најаде посетителите, туку на еден симболичен начин, во ова современо време кога се помалку имаме можност да се дружиме, да ги зближи и да им овозможи барем неколку часа да се дружат, да разговараат едни со други и да си разменат мислења.

Оваа манифестација, петта година по ред, е се поприфатена од граѓаните, и секоја година има голем број посетители и консументи, кои заеднички појадуваат, се дружат, но и имаат можност да го почувствуваат гостопримството на овој град.

Директорот на СУГС „Лазар Танев“, Зоран Николовски, ги посочи деталите околу организацијата и реализацијата на претстојниот настан и рече дека ќе бидат поделени 2 700 влезници и дополнителни 200 за странски туристи во нашата земја, коишто ќе им бидат понудени на тур-операторите во Скопје.

– Градот Скопје и нашето училиште имаат навистина сериозен пристап во однос на организацијата на овој настан, токму поради тоа годинава храната и ланч-пакетите ќе ги подготвуваа 600 лица. Елиминирани се сите можности за нехигиенско приготвување на храната и овие пакети ќе бидат приготвени според сите светски и европски стандарди за подготовка на храна. Ланч-пакетите ќе содржат 14 до 15 различни продукти, што ќе бидат наменети за сите граѓани од сите националности и вери коишто живеат овде. Благодарение на нашите донатори коишто секако доаѓаат од угостителскиот сектор, секоја година имаме се поголем избор на продукти кои влегуваат во нашата понуда. Влезниците ќе се делат на пунктот од 10 до 14 часот секојдневно во петте дена од 6-ти (сабота) до 11-ти септември (четврток), токму затоа апелирам до граѓаните и посетителите што сакаат да бидат дел од оваа Манифестација, навреме да си ги подигнат влезниците, за да може да се избегнат непријатни ситуации на влезот на мостовите, рече директорот Николовски.

За реализација на настанот „Појадок на мост”, оваа година во Буџетот на Град Скопје за 2014 година издвоени се средства во износ од 600.000,00 денари. И годинава се очекува поддршка од голем број донатори кои ќе земат учество со свој придонес -донација на производи, со што ќе помогнат во реализација на настанот.

You May Also Like