Отворена е манифестацијата „Крушево-град на културата за 2014 година“ со киноцерт на Каролина Гочева …
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вечерва ја отвори манифестацијата „Крушево-град на културата за 2014 година“. Потенцира дека е големо задоволството што историско Крушево, градот на македонскиот непокор, ризницата на македонската култура и традиција и официјално станува домаќин на манифестацијата.
– Крушево од вечерва е новата престолнина на културата и уметноста во нашата држава. Ќе ги обедини креативните потенцијали на нашите уметници, на институциите кои своите програми ќе ги презентираат пред граѓаните на Крушево, но и пред посетителите од целата држава и од регионот, рече министерката Канческа-Милевска.
Според неа, манифестацијата „Крушево-град на културата за 2014 година“ опфаќа 60 настани, музички манифестации, изложби, театарски фестивал на млади актери, одбележување јубилеи, литературни читања.
– Сите културни настани ќе овозможат Крушево секојдневно да се движи, да се менува, да се надградува. Така ќе ја оствариме целта на оваа манифестација, ќе ја збогатиме културната понуда во Крушево, ќе создадеме услови за развој на културниот туризам кој ќе се одрази и на економскиот развој на општината, рече Канческа-Милевска.
За министерката за култура важно е кога ќе се зборува за Крушево. Тоа значи, како што рече, дека се говори за сопствената историја, традиција и култура, а посетителите да проникнат во нашите културни и историски придобивки, да го доживеат духот на историјата преку „Крушево-етно град“, преку спомениците, музеите, староградската архитектура, , преку музејот на Тоше Проески.
– Локалниот културен развој на Крушево и презентацијата на културно-историските вредности се наши приоритети. Затоа Министерството за култура и надлежните институции ќе реализираат уште многу проекти со кои Крушево ќе се потврди како достоен репрезент на македонскиот идентитет и култура. Покрај обновата на фасадите на амбиенталната староградска крушевска архитектура, соодветната заштита на споменичниот комплекс „Илинден“ и на црквата „Свети Јован“, збогатувањето и обновата на музејските поставки на Музејот на Илинденското востание и галеријата „Никола Мартиновски“ ќе реализираме уште многу активности кои ќе го испровоцираат вниманието на граѓаните и посетителите од целиот регион, рече министерката за култура.
Според градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески, со манифестацијата се очекуваат нови 10-ина илјади посетители.
– Ова е празник за Крушево, зашто долго и посветено работевме да биде избран за престолнина на кутурата за 2014 година. Изборот не е случаен, туку резултат на добро осмислена програма. Ова ќе придонесе за подобро осмислување и реализирање на веќе традиционалните манифестации: „Крушево-етно град“ и „Десет дена Крушевска република“. Ќе се пополни оној празен период меѓу двете туристички сезони-зимската и летната, ќе се доживеат убави спомени во Крушево, рече градоначалникот Дамчески.
Според Дамчески, организираното културно живеење во Крушево датира одамна. Меѓу двете светски војни имало два големи дувачки оркестри, функционирале две аматерски театарски групи, а првата македонска драма „Бегалка“ ја напиша крушевчанецот Васил Иљоски.
– Од Крушево се и плејада дејци, како браќата Петар и Јозо Т. Бошкоски, композиторот Таќи Христиќ, сликарот Никола Мартиноски кои дале траен белег на македонскиот културен идентитет. А со аманетот, хуманоста и љубовта што ни ги остави овде и на Балканот Тоше Проески, да бидеме достојни репрезенти на неговото дело, рече Дамчески.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Домот на културата во Крушево ја погледна макетата на идејното решение за нов споменик на месноста Слива, каде илинденците воделе битка во одбраната на Крушевската република. Дело е на скулпторот Емил Солески, а споменикот ќе биде висок околу 7 метри.
Манифестацијата „Крушево-град на културата“, Министерството за култура ја финансира со 2,5 милиони денари, како и досега зашто се одржува 11-та година по ред.
На отворањето, концерт пред крушевчани и пред посетителите во спортската сала во Крушево одржа Каролина Гочева.