Со пригодна свеченост и обраќање на учесниците на ликовната колонија „Гостивар 2014“ во хотелот „Панорама“ вчера вечер почна деветтото издание на таа манифестација.
Организаторот, Здружението на ликовни уметници „Драудакум“ ова издание на колонијата го стави во календарот на одбележување на општинскиот празник 29 јуни.
– Годинешното издание е едно најбогатите, како по бројот на учесници, така и по нивната биографија, бидејќи сите се познати приазнати во средните од каде доаѓаат. Очекувам тие да добијат и инспирација за нивното идно творештво, рече Решат Амети, претседател на Здружението „Драудакум“.
Градоначалникот на општина Гостивар, Невзат Бејта им посака добредојде на гостите уметници и ја прогласи за отворена колонијата. Тој нагласи дека Гостивар секогаш е подготвен да пречека гости кои ќе ги пренесат убавините на овој регион низ светот.
На ликовната колонија, годинава има 36 учесници од Македонија, Косово, Албанија, Азербејџан, Романија, Турција, Египет, САД, Србија и Црна Гора. Колонијата ќе биде затворена на 30 јуни.