Јавноста се запозна со дел од проектот “Во јадрото на Балканот – раката гледа”, кој на покана на Руската Академија на Уметности – Имеператорска, во декември ќе биде поставен во престижната галерија “Зураб Церетели” во Москва …
Вчера, на 4ти ноември, во рамки на настанот Бела Ноќ во Галерија Грал се одржа уште една импресивна изложба на големиот македонски уметник Глигор Чемерски.
Утрово, по Бела ноќ, додека срцето на Скопје се уште биеше со дамарот на уметноста, дружењето, енергија на убавите доживувања, се сумираа и импресите од изложбата на Глигор Чемерски одржана во галерија Грал. Бројни посетители, елитна публика – традиционална и нова, почитувачи на уметноста и делото на Чемерски, колеги уметници, претставници на медиумите, критичари, препознатливи личности од деловниот и општествениот живот, пријатели, семејство, љубопитни истражувачи на содржините на Бела ноќ… Сите тие за кои вратите на Галерија Грал беа отворени до раните утрински часови, создадоа за Чемерски поттик и свеж вруток за нови дела.

Во Галеријата беа изожени 25 слики и цртежи, од кои 6те дела: Ева, Свети Ѓоргија и серијата од 4 дела Дионис, како дел од проектот под името “Во јадрото на Балканот – раката гледа” на почетокот на декември ќе заминат за Москва.
Белата ноќ доживеана во галерија Грал, никого не го остави рамнодушен. Просторот, доосветлен и дообоен од сликите на Чемерски, бликаше со убава енергија, надополнета со квалитетен звук и буке на македонски вина- во слава на сите сетила. Топлата атмосфера допринесе до спонтана, срдечна, отворена комуникација, меѓу присутните, меѓу присутните и врамените импресиите на уметникот, меѓу присутните и уметникот. Се чинеше дека сите, па дури и неговите дела, ја разбрале потребата на Чемерски, за токму ваков вид на настан како поддршка пред големиот предизвик кој за два месеца го очекува во галеријата на Руската Академија на Уметноста “Зураб Церетели” во Москва.

“Белата ноќ не потсети дека сме на половина пат до Москва и со оваа изложба сакавме и нашата публика да види дел од тие слики што ке бидат изложени таму во Галеријата на руската академија на уметности. Сликите се насликани овде во Скопје а ќе се најдат во една од најстарите академии во Европа устроена од Катерина Велика пред два века која е соврсник со француската академија. Морам да додадам дека галерија Грал, сериозно се зафати за овој проект ни малку едноставен проект и како дел од подготвителните активности одлично ја организираше оваа изложба, а за што јас имам за нив само пофалби и благодарност”. – Глигор Чемерски
“Со ваа изложба сакавме да потенцираме дека пред се нашата публика има право и чест да ги види делата што се изложуваат во светот и тоа во најстарите и најпрестижните светски галерии. Изложбата во Москва го става Чемерски во ред на најголемите имиња на европската уметност и сликарство. За нас е огромна чест што сме дел од овој проект. Свесни сме за потешкотиите, но полесно се соочуваме со нив бидејќи секогаш помислуваме на висината на задачата” – Александар Кртов (Галерија Грал)
Глигор Чемерски видно возбуден и расположен, уживаше во дружењето со присутните, а покрај дискусијата околу делата, главна тема беа плановите и подготвителните активности за изложбата во Москва.
Повеќе детали во врска со подготовките за реализација на изложбата во галеријата на Руската Академија на Уметноста “Зураб Церетели” во Москва, ќе следат во дополнителни објави и медиумски настапи на Глигор Чемерски.
Во прилог се неколку семејни фотографии на авторот направени вчера во галерија Грал и дел фоторафии за доловување на атмосферата од вчерашниот во галерија
__________________________________________________________________________
Академик Глигор Чемерски е првиот македонски уметник на кого му е укажана огромна чест од страна на Руската Академија на Уметности – Императорска, со инаугурација за почесен член на Руската Академија. Овој чин е своевидна универзализација на културните вредности на Македонија, признаени и препознаени од страна на Руската Академија на Уметностите, на чија покана, во најзначајното културно и уметничко средиште на Москва – Уметничката Галерија Зураб Церетели, во чест на инаугурацијата, ќе се одржи изложба на дела на овој наш голем автор. На изложбата во уметничка галерија Зураб Цетерели во Москва ќе бидат изложени 43 дела од повеќе циклуси како своевидно ретроспективно претставување на повеќедецениското творештво на Глигор .Чемерски.