Синоќа (20 февруари, четврток) во галеријата на МКЦ во 20:00 часот отворена изложбата на слики со наслов „Патинирани цитати“, од академскиот сликар Мирчо Матевски Рисимкин.
На изложбата се претставени 20 дела на Рисимкин настанати во периодот 2009-2014 по неговото враќање од Австралија. Тематиката опфатена во овие дела се базира на нашето културно-историско наследство, пред се, Византиското сликарско културно наследство, а тоа се фреските и иконите, но исто така и богатото народно творештво/писменост и традиција. Овие три елементи-категории, културното наследство, народното творештво и традицијата се важни и определувачки сегменти за секој народ и неговиот идентитет. Тие го прават различен или посебен, тоа што всушност е. Но, истовремено овие категории го спојуваат и со другите култури, цивилизации и ентитети и го прават дел од едно многу поголемо семејство. Делата се работени во маслена техника на платно.
Мирчо Матевски Рисимкин е роден во Скопје, 1961. Завршил средно уметничко училиште “Лазар Личеновски”1980 г. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, 1984, во класата на професорот Димитар Кондовски, а во 2012 магистрирал на ФЛУ во класата на професорот Јован Шумковски. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) од 1984г. Вработен е во Меѓународното средно училиштe НОВА во Скопје. Помеѓу 1998 и 2009 живее и работи во Австралија.