Отворена десетата сликарска колонија „Папрадишки мајстори“

Во организација на Здружението „Папрадишки мајстори“, а со финансиска подршка на Општина Велес, синоќа во куќата на Касапови свечено е отворена десетата јубилејна сликарска колонија „Папрадишки мајстори“ која ќе работи во наредните десетина дена.

papradiski-majstori-kolonija-flaer

Сликарската колонија „Папрадишки мајстори“ за отворена ја прогласи градоначалникот Славчо Чадиев, кој на уметниците им посака добредојде во Велес и плодна работа на сликарското платно.
– Се наоѓате во најубавата куќа во Велес, куќата на Касапови или куќата што лебди. Во ваша близина е прекрасната црква „Свети Пантелејмон“ дело на Андреја Дамјанов и други прекрасни куќи од македонската стара архитектура. Сето тоа треба да биде инспирација за вашето творештво, а јас од името на Општина Велес и Советот на Општината ја подржувам и во иднина ќе ја подржувам оваа колонија која е една од најпознатите во земјава, потенцира Чадиев.

На колонијата годинава учествуваат дваесетина сликари од Словенија, Хрватска, Србија,Украина, Русија, Бугарија и Македонија, кои ќе творат во двете куќи на уметноста: Куќата на Касапови или попозната како Куќата што лебди и Куќата на Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Скулпторот и сликар Ангел Коруновски, кој е и претседател на Здружението на граѓани „Папрадишки мајстори“ ги повика љубителите на уметноста да ги посетат и да видат како творат ликовните уметници.

You May Also Like