Вечерва (четврток, 15 март 2012 година), во кино Милениум, со почеток во 20:00 и 22:30 часот, ќе се одржат премиерните проекции на американскиот филм „Челичната дама“ (The Iron Lady), во режија на Филида Лојд, со Мерил Стрип во главната улога.
Стрип за ролјата во филмот, во којшто вешто актерски ја отсликува поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, го доби оскарот за главна женска улога.
Освен третиот оскар, Стрип за филмската креација на ликот на една од најмоќните жени во модерната историја, којашто ја плаќа цената на моќта и власта, не заборавајќи ја основната цел -доброто на државата, ги доби и наградите Златен глобус и наградата БАФТА на светската филмска критика.
Филмот „Челичната дама“, ќе се прикажува во рамките на оскаровскиот викенд во Градското кино Милениум, а откако ќе заврши викендот на оскаровци, и на љубителите на филмската уметност ќе им бидат проектирани уште два филма: „Масакр“ на Роман Полански со Џоди Фостер, Кејт Винслет, Џон К.Рајли и Кристоф Волтс во главните улоги и „Потомци“ на Александар Пејн, со Џорџ Клуни во главната улога, ќе биде на редовниот репертоар од 17:30 часот.
Билетите за кино проекциите може да ги набавите на касата на кино Милениум, секој ден од 10:30 до 22:30 часот.