Орландо Блум и Форест Витакер во новиот филмски трилер ЗУЛУ во кината од 14 август. Зулу кој бара правда, а не одмазда! Орландо Блум и Форест Витакер во новиот филмски трилер
Напнатиот полициски трилер „Зулу“ во кој главните улоги ги толкуваат Форест Витакер и Орландо Блум публиката ќе има можност ад го види од 14 август. Дејствието на филмот „Зулу“ е сместено во Јужноафриканската Република, а во фокусот на филмот е полициската истрага на бруталното убиство на девојка во текот на постапартхејдскиот период.
Али Сокхела (Форест Витакер) е шеф на одделението за истрага на убиства во јужноафриканската полиција во Кејптаун. Али како дете едвај им побегнал на милитантните единици кои биле во војна со Африканскиот национален конгрес на Нелсон Мандела. Малото момче и мајка му го избегнале масакрот, но психолошките лузни останале. Сокхела работи со детективот со проблематичен карактер Брајан Епкин (Орландо Блум), кој по разводот тоне во море од алкохол. Истрагата за убиството на младата 18-годишна девојка од високите кругови се компликува по убиството на колега полицаец пред нивните очи. Набрзо потоа, при понатамошната истрага ја откриваат поврзаноста меѓу убиството на младата жена и трговијата со нови илегални супстанци кои стануваат достапни на улиците на Кејптаун. Животот на Али и Брајан добива ново забрзување и многу поопасен тек.
Остварувањето „Зулу“ премиерата ја доживеа на затворањето на 66-иот Филмски фестивал во Кан, а неговата режија ја потпишува Жером Сале. Некои од филмовите кои го носат неговиот печат се: „Турист“, „Лаго Винч“ и „Дволичност“. Сценариото за адаптација на истоимениот роман од францускиот писател Карил Фере, Сале го направил во соработка со Жилијен Папенау.
“Зулу” претставува слика за Јужноафриканската Република, која и понатаму ги чувствува последиците од апартхејдот кои не можат да исчезнат преку ноќ и да се заборават.
Тука погледнете го трејлерот за филмот.