Вечер (1 март, петок 2013 година), со почеток во 20:00 часот, за прв пат на сцената во Македонската опера и балет ќе се изведе премиера на оперската претстава „Атила“ од Џузепе Верди, со што се одбележуваат и 200 години од раѓањето на композиторот.
Диригент на претставата ќе биде Алесандро Д’Агостини од Италија, режија на Дејан Миладиновиќ од Србија, асистент на режија Трајко Јордановски, сценографија на Александар Златовиќ од Србија, костимографија на Миланка Берберовиќ од Србија, кореографијата е на Олга Панго, концерт мајстор Верица Ламбевска, асистент хор мајстор Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓоргеска, корепетитори на претставата Елена Сиљаноска, Јанинка Невчева и Андреја Наунов.
Во улогата на Атила ќе настапи Иван Томашев (бас) од Србија, Владимир Саздовски, како Ецио ќе настапи Борис Трајанов (баритон), Ристе Велков, Марјан Јованоски, Одабела – Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), Oлгица Милевска, Форесто – Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров, Улдино – Дејан Стоев (тенор), Зоран Даскаловски
и Леоне – Славчо Димовски (баритон), Диме Петров .
Претставата е во копродукција со Народно позориште од Белград – Србија.
Операта „Атила“ е во три чина. Нејзината светска премиера е изведена на 17 март 1846 година во театарот Ла Фениче во Венеција.
Репризата ќе биде изведена на 5 март (вторник), со почеток во 20:00 часот.
За Атила:
Атила, крал на Хуните, владеел од 434 до 453 г. со огромно кралство кое се простирало од Данска до Панонија и од Рајна до Каспиското море. Неговата власт ја признавале многу германски и словенски племиња, а повремено и Византија. Неговиот обид да ја освои западноримската провинција Галија во 451 г. е безуспешен затоа што е поразен од римскиот војсководец Ецио кај Каталунските полиња. Следната година ја пустоши Италија, го разорува градот Аквилеја чии жители бегајќи ја основаат Венеција. Цел на походот му е Рим. Во пресрет му доаѓа папата Лав I, кој успева да го „преобрати“ Атила и тој отстапува од првобитниот план да го разруши „вечниот град“.