По повод Меѓународен ден на населението, УНФПА започнува со кампањата „Инвестираме во младите”, еднонеделна кампања која ќе ги опфати прашањата значајни за младите луѓе, посебно прашањата кои ги засегаат адолесцентите.
Оваа кампања најдобро го опишува фокусот на УНФПА, кој е насочен кон исправното однесување на и кон адолесцентите.
Кампањата, која ќе се реализира во соработка со Сити Радио, а ќе трае во текот на целата недела ќе заврши во петок 11 Јули со двочасовно радио шоу кое ќе се емитува од Плоштад Македонија каде ќе биде поставено брендираното УНФПА студио. Како дел од специјализираната емисија за Денот на Населението, во истата ќе гостува Министерот за труд и социјална политика, г-дин Диме Спасов, млади луѓе, претставници на невладини здруженија од Македонија, како и претставници на УНФПА.
„Веруваме дека ова е вистинскиот начин да се обележи Денот на населението, со кампања која директно ќе ги засегне проблемите кои адолесцентите при нивниот премин во возрасни луѓе ѓи имаат, нивната инклузија во општеството, како и можност да се разгледаат загрижувачките податоци за стапката на едукација кај адолесцентите, како и процентот на земји каде истите имаат можност да учествуваат во носењето одлуки кои нив ги засегаат”, изјавија претставници на УНФПА во пресрет на отпочнувањето на кампањата „Инвестираме во младите”.
Успешниот премин од адолесценција во возрасен човек е право кое секое дете го поседува. Ова право е единствено возможно доколку семејствата, но и целото општество се фокусира на инвестирање и отворање можности кои ќе им овозможат на адолесцентите и младите професионално да се развиваат и да го надградуваат своето знаење и вештини за водење здрав и успешен живот.