„Наратолошки аспекти на волшебните приказни кај Марко Цепенков“ од м-р Трајче Стамески е најновото научно дело објавено во едицијата „Теорија“ на издавачката куќа „Вермилион.“
Во „Наратолошките аспекти на волшебните приказни кај Марко Цепенков“, м-р Трајче Стамески ги применува класичните наратолошки постапки врз корпусот македонски волшебни приказни. Ова претставува обид за еден вид редефинирање, односно прекодирање на термините од македонската фолклорна традиција во посовремени термини, прилагодени и соодветно применети врз примери од волшебните приказни (сказни) од Марко Цепенков. Со интерпретирањето на овие конституенти на значењето, се потврдуваат големите вредности и чистиот квалитет што ги носат македонските сказни.
Книгата претставува „единствен и првичен потфат од областа за науката на фолклорот, поконкретно за македонските волшебни народни приказни… она што ја чини македонската народна проза специфична, единствена, но и универзална“, истакнува рецензентката на книгата, проф. д-р Фанија Попова.
Трајче Стамески магистрирал на Филолошкиот Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за македонска книжевност, каде што е и асистент на групата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Со својата едиција „Теорија“, издавачката куќа Вермилион прави напори да придонесе кон промовирање на академското проучувањето на литературата за деца како област за интердисциплинарни истражувања. Народните волшебни приказни, иако не секогаш создадени првенствено со идејата за децата како публика, сепак денес многу често се читани од деца.