Се наоѓам во Ogunquit,гратче на североисточниот брег во американската држава Мејн. Тука сум на гости кај пријатели и имав можност да слушнам една интересна сторија …
Едно летно утро 2008 година едно младо момче од струмичкото село Куклиш се нашло пред вратата на ресторанот MC PERKINS COVE во Ogunquit,гратче во американската држава Мејн. Момчето било дојдено во САД преку програмата ворк анд травел, и барало втора дополнителна работа. Тогашниот генерален менаџер на ресторанот, Норман Дуфоур, го примил Јосиф Малиновски на работа. Јосиф останал да работи во ресторанот наредните 3 месеци.
Пред заминувањето од Америка, Јосиф го поканил Норман во Македонија на што Норман му рекол дека тоа е изводливо и дека имало шанси да го посети во Македонија. Така се родило И другарството меѓу нив.
После неколку месеци Норман ја посетил Македонија и бил гостин кај Јосиф во неговата куќа во Куклиш. Норман имал прилика да ја види Струмица, да го посети Скопје, да ја запознае македонската култура, нашите обичаи, но и да види како живеат нашите земјоделци и колку е тежок животот на истите и од тој момент одлучил да ангажира само македонски студенти.
Од тогаш, па до денес во ресторанот MC PERKINS COVE работеле над 100 студенти од скоро сите македонски градови. Секоја година 15-20 македонски студенти ја имаат можноста да го запознаат Норман и да работат во ресторанот.
Во 2010 година при повторна посета на Македонија, Норман го посетил ноќниот клуб Салун и ни под разно не се надевал дека таму ке ја сретне љубовта на неговиот живот, неговата сегашна сопруга Надица Галапчева, дипломиран археолог и историчар на уметност, по потекло од Кавадарци.
Во 2013 година на 12 јануари својата тригодишна љубов ја крунисале со брак, а свадбата ја направиле во Кавадарци. На свадбата присуствувале и членовите на семејството на Норман кои допатувале од Америка како И сопствениците на ресторанот MC PERKINS COVE, Марк Гајер и Kларк Фрејзер.
Во 2014 година во јануари месец, во Струмица во ресторанот Космополит ја одбележаа својата прва годишнина од бракот во друштво на своите блиски пријатели И 15-ина студенти кои претходно биле во Америка.
До ден денес, Норман Дуфоур е сеуште генерален менаџер на MC PERKINS COVE и е еден од најуспешните менаџери на североисточниот брег на Америка И со својата сопруга Надица заедно работат во ресторанот и секоја година се трудат да помогнат на што повеќе наши студенти давајќи им шанса да дојдат во Америка преку ворк анд травел програмата.
Кога го прашав што мисли кои се најработливите луѓе, т.е. студенти кои досега работеле кај него, Норман едноставно само ми кажа:
“Оние кои дома немаат многу а работат премногу, оние кои се сиромашни а среќни кога имаат малку. Кога овде ке видат дека за својот труд се платени даваат уште повеќе сила и енергија за да заработат повеќе. Тоа е американскиот начин.”
Кога го прашав кој е досега највредниот и најдобриот студент кој работел во MC PERKINS COVE, без двоумење Норман ми одговори дека тоа бил неговиот денешен близок другар, а тогаш само студент Јосиф Малиновски.
Ова е само една од многуте стории за луѓе кои што немале ништо заедничко со нашата Македонија, но запознавајќи ги нашите луѓе и обичаи станувале дел од неа.
Од Мејн, САД за cOoLTuRa.mk, Гого Р.