Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Министерот за култура, Елизабета Канческа-Милевска и градоначалниците на општините Центар, Владимир Тодоровиќ, на Аеродром, Ивица Коневски, на Бутел, Петре Латиновски, на Гази Баба, Тони Трајковски и на Ѓорче Петров, Сокол Митревски, денеска во 11 часот во зеленилото пред Зоолошката градина, како најава на акцијата „Ден на дрвото- есен 2011“, засадија јапонски цреши и ликвидамбари.
– Изминативе денови екипи на Градот интензивно работат на реализација на Акцијата што се одвива на целата територија на градот, во која се садат садници во новите парковски површини, но се садат нови садници и во дрворедите на булеварите. Како, што веќе знаете Градот го реализира ветеното, односно за секое исечено дрво настојуваме да засадиме 10 нови садници. Од почетокот на мојот мандат досега на територијата на Скопје се засадени 44 000 садници, а вакви акции ќе организираме и следната година – изјави градоначалникот Трајановски.
Засадените ликвидамбери и јапонски цреши се декоративни дрвја што формираат крошни со големина од 4 до 5 метри, и во летните месеци ќе даваат голема сенка.