Со отворање на Неделата на јапонскиот филм во Кинотеката на Македонија почна одбележувањето на јубилејот 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Јапонија.
На свеченоста на која присуствуваше амбасадорот на Јапонија во Република Македонија со седиште во Виена, Макото Такетоши, бројни гости и почитувачи на јапонската култура, се обрати министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Според него, односите меѓу двете земји изминативе 20 години ги карактеризира искрено пријателство и меѓусебно разбирање. Во насока на натамошно развивање на дипломатските, економските и културните односи, Попоски подвлече дека Република Македонија во 2013 година ја отвори Македонската амбасада во Токио, а оваа година ќе го испрати и првиот резидентен амбасадор на Македонија во Јапонија.
– Со овој чекор очекуваме да се зацврстат дипломатските односи меѓу Македонија и Јапонија. Ќе работиме на продлабочување на соработката на билатерално поле особено во областа на културната промоција, образованието и науката, како и во искористување на потенцијалот за економска соработка. Зголемувањето на бројот на јапонските туристи ќе биде во насока на поблиско запознавање со нашата земја со цел зацврстување на довербата и односите во нашата соработка, рече Попоски.
Тој притоа изрази надеж дека во скоро време и Јапонија ќе отвори своја резидентна амбасада во Скопје со цел интезивирање на соработката меѓу двете држави.
На свеченоста во своето обраќање амабасадорот Такетоши истакна дека пријателските односи меѓу Јапонија и Република Македонија се развиваат во континуитет. Тој спомна некои од проектите во Македонија кои беа поддржани од јапонската Влада и го поздрави назначувањето на прв резидентен амбасадор на Македонија во Јапонија. Воедно, изрази надеж дека тоа ќе придонесе за продлабочување на пријателството меѓу двете земји и посака уште поплодотворна соработка во следните 20 години.
Директорката на Кинотеката на Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска рече дека ова е петто издание на Неделата на јапонскиот филм кое нуди дел од јапонската кинематографија. Посочи дека седумте филма кои се на програмата на оваа манифестација се дела на јапонските великани на филмската уметност, како што се режисерите Масајуки Акехи, Масахиро Шинода и Јамамото Сацуо, чиј филм „Банда на убијци“ од 1962 година вечерва ја отвора Неделата на јапонскиот филм.
Манифестацијата е организирана од Кинотеката на Македонија во соработка со Амбасадата на Јапонија во Виена и Јапонската фондација.