На иницијатива на Здружението на граѓани „Етнофест Искон“ и Светскиот македонски конгрес (СКМ), и со поддршка на Министерството за култура, во август ќе биде организиран прв фестивал на изворни песни од дримколскиот, реканскиот, горанскиот и голобрдскиот крај во Македонија, Албанија и Косово.
Етнофестивалот „Дримкол, Река, Гора – исконски вредности“ има цел да ги обнароди заборавените песни, да ги афирмира и популаризира преку изведба на пејачи од македонската естрада, но и млади, непознати изведувачи. Преку сателитскиот сервис на Македонската радио-телевизија тие ќе стигнат и меѓу иселениците во светот.
– Се надеваме дека фестивалот ќе стане традиционален. Ќе бидат исполнети стари изворни песни, веќе подзаборавени, создавани низ вековите од душата на народот, рече на прес-конференција Тодор Петров, претседател на СКМ.
Претседателот на здружението „Етнофест Искон“ и уметнички директор на фестивалот, Ибро Лабунски, рече дека се планирани две полуфинални вечери, во дримколското село Лабуништа и во реканското Ростуше, а финалната вечер да биде во Скопје.
– Населението од Дримкол, Река, Гора, познати мајстори-ѕидари раселени низ Европа и светот, имаат свои обичаи, култура и песна која е малку позната. Затоа, како поддржувачи и познавачи на таа традиција, решивме да ги обнародиме изворните песни, да ги промовираме, афирмираме овде кај нас, и во други културни средини, рече Лабунски, кој потекнува од печалбарското село Лабуништа.
Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија Исмаил Бојда рече дека во соработка со Институтот за фолклор се уште се собираат песни од тие краишта и дека најзастапени се песните со печалбарски и со љубовни мотиви. Песните ќе бидат публикувани и од нив ќе се изберат тие што ќе учествуваат на фестивалот.
На првото издание веројатно ќе има 24 учесници, од кои десетина неафирмирани. Песните ќе бидат отпеани во изворниот дијалект, како што биле запишани и пеени во тие краишта, но во современ етноаранжман и снимени во студио.