Во тек се бројни активности на Македонскиот павилјон на 55-тото Венециско биенале. Инсталацијата на Елпида Хаџи-Василева успешно се постави во понеделникот. Општ впечаток на тимот на Национална галерија на Македонија е дека целината изгледа одлично, ја поседува трансцеденталноста, магијата, изненадувањето, шокот што сите го очекуваат.
И уметникот, кураторот, комесарот се презадоволни од самото дело, а за неговата интригантност говори и бројот на посетители. Во првите два дена на preview-то, македонскиот павилјон е посетен од над 300 посетители, а некои од нив дошле по препорака од други кои веќе го виделе и препорачале проектот на Елпида Хаџи-Василева.
Никој не си оди рамнодушен, повеќето заминуваат со воодушевеност за концепциската и визуелна комплексност на проектот, акцентирајќи ја истовремената сложеност и едноставност. Некои заминуваат со доза на шок, но секако допре до сечиите сетила. Изложбата се очекува допрва да има голем одзив.
Официјалното отворање е утре (петок, 31 мај 2013 година), во 15:00 часот, а своето присуство го најавија голем број светски галеристи, куратори, колекционери.