Маџиров: Македонскиот јазик го носам со себе секогаш, за него не е потребен куфер

По бројните читачки турнеи низ светот во 2012, денеска (среда, 2 јануари 2013) македонскиот поет Никола Маџиров оствари средба со министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

И подари превод на англиски од неговата сихозбирка „Преместен камен“ која, како што рече, го преместила во многу светови и јазици. Таа е и своевидна метафора на неговиот патувачки живот и претставувањата на разни меридијани, книжевни престои, читања, фестивали. Меѓу бројните во изминатата година беше и учеството на Поетската олимпијада во Лондон, а го очекуваат и годинава – најпрво во Албанија, а потоа и во други земји во Европа и во подалечни во САД (Лос Анџелес), Мексико, Јужна Африка, Зимбабве, Kина, Норвешка, Велика Британија, Франција…

Поетот-номад – како што многумина го нарекуваат, ја промовира македонската култура и јазик низ стихови, кои остануваат негова книжевна преокупација и покрај доминацијата на прозата која, за разлика од поезијата, е попрофитабилна и податлива за трансформација во други видови уметности.

Министерката Канческа-Милевска рече дека неговото творештво го следат исклучително позитивни оценки од светската критика, чие книжевно влијание го споредува со она на шведскиот нобеловец Томас Транстромер.

Сакам искрено да му се заблагодарам за сето што го направи во промоцијата на Република Македонија на меѓународен план. Од огромно значење е договорот за издавање книга што тој го склучи со „Бладекс букс“, една од најпочитувани издавачки куќи за поезија во Велика Британија и во светот… Тој е и единствениот балкански автор кој неодамна ја доби европската книжевна стипендија „Маргерит Јурсенар“ за 2013. Се надевам дека како и досега, и во иднина ќе продолжи да ја промовира Македонија… Поезијата можеби не може да го измени светот, но е моќен катализатор на општествената свест на патот на рушење многу бариери. Верувам дека и во иднина сите оние што читаат поезија ќе го запаметат името на Никола Маџиров, рече Канческа-Милевска.

Му напомна да ги следи условите кои треба да се исполнат за да ја добие наградата национален уметник, која со посебен закон е востановена за уметниците кои успешно ја претставуваат државата во светот.

Маџиров се заблагодари за поканата, на преведувачите на неговите збирки и жиријата што го избирале за награди, за подршката што ја добива од објавата на првата книга („Заклучени во градот“, 1999) и покрај состојбата во која е поезијата овде и во светот.

Сепак, тој свет на поезијата некако функционира во однос на јавните рамки. Може се потесни, но функционира како братство, и тоа е неверојатно а, пред се, тоа се гледа на фестивалите. Тоа што го работам го работам зашто чувствувам дека припаѓам таму, иако не сум самиот поклоник на припадноста. Просторно не можам самиот да се определам, во некој меѓусвет постојано, прагот стана мој покрив, куферот стана моја адреса. Тоа номадство верувам ќе продолжи. Витгенштајн велеше дека границите на мојата земја се таму каде што се границите на мојот јазик, а тоа е доста индивидуално. Македонскиот јазик го носам со себе секогаш, за него не е потребен куфер, потребно е само сеќавање, рече Маџиров.

Маџиров е есеист и преведувач, добитник на многу домашни и меѓународни награди и книжевни стипендии. Неговите дела се преведени на над 30 јазици, објавени во бројни збирки и антологии.

You May Also Like