Годинашен лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ од Крива Паланка е еден од најголемите македонски актери Мето Јовановски, кому на отворањето на фестивалот му беше доделено признание за животно дело.
На првата фестивалска вечер во НУ Центар за култура Крива Паланка беше прикажан краток филм посветен на животот и делото на Јовановски.
Театарскиот критичар Гоце Ристовски говореше за животот и делото на Јовански, за кого рече дека е актер со маркантно присуство и на телевизија и во театарот, носител на повеќе од 30 меѓународни награди и признанија.
– Мето Јовановски е грамаден актер кој оставил голем, траен, печат на театраот, но и филмот, во Македонија, на Балканот и пошироко. Восхитен од неговата огромна љубов кон театарот јас секогаш стојам простум пред него и учам од неговата културна етика. Горд сум што сум сведок на овој голем чин од историјата на мојот град Крива Паланка и посакувам ореолот на светецот Јоаким Осоговски чие име го носи фестивалот да го следи и овенча со светлина и успеси големиот Јовановски и во иднина, истакна Ристовски.
Наградата за животно дело што се доделува секоја година за посебни заслуги во развојот на македонската театарска уметност му ја врачи градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.
– Благодарен сум и горд што сум лауреат на еден фествал кој е успешна приказна, мост, спона за народите во заедништво, како зрак светлина во мракот наталожен на овие простори од стереотипите на минатото, изјави Јовановски.