Мостот „Гоце Делчев“ со целосно нов лик

Градот Скопје ја заврши реконструкцијата на заштитната ограда и осветлувањето на мостот „Гоце Делчев“. Вчеравечер мостот го посетија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.

–   Старата ограда на мостот беше демонтирана во вкупна должина од 600 метри (4 пати по 150 метри). Новата ограда на мостот „Гоце Делчев“ е изработена од цевкасти профили. Оградата ја составуваат 148 монтажни елементи со должина од 3,6 метри и височина од 1,2 метри, коишто се поврзани со столпчиња. Столпчињата се високи 135 сантиметри и имаат декоративна алуминиумска облога. Реконструкцијата на заштитната ограда на мостот „Гоце Делчев“ ја изведоа екипите на градежната фирма „Бауер БГ“, а за овој проект Градот Скопје потроши околу 30 милиони денари. На надворешните огради на мостот се монтирани 26 канделабри (по 13 на секоја страна) при што на 20 е поставена по една светилка во форма на топка, а на шест се поставени по 5 светилки во облик на фенер. Овие светилки се во жолта боја и служат за декоративно осветлување и за осветлување на тротоарите. На десетте 10-метарски столбови до внатрешните огради на мостот се поставени нови посовремени светилки, на декоративни конзоли. Столбовите се бојадисани со согласност со бојата на оградата и на канделабрите – рече градоначалникот Трајановски на промоцијата на новата ограда и осветлувањето на мостот „Гоце Делчев“.

Тој додаде дека за осветлување на трупот на мостот се заменети постојните и нефункционални неонки и се поставени нови, 152 неонки со жолта боја.

You May Also Like