„Мо(ну)мент“ – изложба на Гоце Наневски

На 21 јуни 2014 година, со почеток во 20.30 часот, во организација на НУ Национална галерија на Македонија, на локација на ул. Јордан Мијалков (поранешна ул. Железничка) бр. 28, ќе биде презентиран проектот МО(НУ)МЕНТ на реномираниот македонски уметник Гоце Наневски.

 

goce_nanevski_monument_pokana

Проектот е составен од комплексен објект со димензии 5500 х 3295 х 2250 мм и видео проекции.

Гоце Наневски е роден во 1974 година во Скопје, Република Македонија. Во 1996 година дипломирал на УКИМ, Факултет за ликовни уметности – Скопје, во класата на проф. Васил Василев. Во 2002 година магистрира вајарство на ФЛУ Скопје. Од 2004 работи на ФЛУ, предава вајање, вајарски техники и цртање, во моментот е актуелен продекан за настава. Досега има реализирано над 15 самостојни изложби во Скопје, Велес (Македонија), Бања Лука, Сараево (Босна и Херцеговина), Њујорк (САД), Никшиќ (Црна Гора), а учествувал на голем број групни претставувања во Виена (Австрија), Њујорк, Лос Анџелес (САД), Неапол, Трст (Италија), Скопје, Битола, Велес (Македонија), Каиро (Египет), Брисел (Белгија). Горњи Милановац (Србија), Сараево (Босна и Херцеговина), Калдас да Раиња (Португалија), Варна (Бугарија). Во 2009 година е официјален претставник на Република Македонија на 53то Венециско биенале во Венеција (Италија).

Проектот „МО(НУ)МЕНТ“ е дел од програмските активности на НУ Национална галерија на Македонија за 2014 година и е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија. Партнер на овој проект, кој се презентира во рамките на Манифестацијата „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност – Скопје. Спонзори на продукциската изведба на мега-проектот „МО(НУ)МЕНТ“ се МЗТ-Пумпи и Сектор филм, а во реализацијата на истиот се вклучени голем број соработници.

Одговорен кустос на проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска.

Проектот ќе биде достапен за јавноста до 30 јуни 2014 година. Заради специфичните техничките потреби, локацијата на која е поставен објектот ќе биде отворена за посетители секој ден (освен недела), во период од 20.30 – 22.00 часот.

You May Also Like